Шасивари во Берлин разговараше со Краме за реформите во правосудството и европските стандарди
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Министерот за правда Јетон Шасивари, во рамки на работната посета на Германија, оствари средба со Анете Краме, парламентарна државна секретарка во Сојузното министерство за правда и заштита на потрошувачите на Германија. На средбата во Берлин се разговараше за актуелните реформски процеси во правосудството, зајакнувањето на владеењето на правото, независноста и ефикасноста на правосудните институции, како и за предизвиците во спроведувањето на реформите согласно европските стандарди. Посебно внимание на средбата беше посветено на можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу Македонија и Германија, размената на експертски искуства и примената на добри практики од германскиот правосуден систем. Министерот Шасивари ја истакна важноста на Германија како партнер во европскиот интеграциски процес, нагласувајќи дека реформите мора да донесат суштински промени во функционирањето на институциите. „Успехот на правосудните реформи не се мери само според бројот на донесени закони, туку според нивната примена во пракса. Нашата цел е правосуден систем што обезбедува правна сигурност, еднаков третман пред законот и поголема доверба на граѓаните во институциите“, истакна министерот Шасивари на средбата. На средбата беше нагласена важноста од континуирана институционална соработка и поддршка во процесот на усогласување на националното законодавство со европските стандарди. Министерството за правда продолжува со активностите за унапредување на меѓународната соработка, со фокус на конкретни резултати во реформите и зајакнување на владеењето на правото. Работната посета на Германија и средбата со парламентарната државна секретарка Анете Краме се дел од напорите на Министерството за правда за продлабочување на соработката со германските институции и за примена на експертските искуства и добрите практики од германскиот правосуден систем во домашните реформски процеси.