Шасивари: Реформите во правосудството не смеат да останат само на хартија
FinPortal.mk · 23.9.2026 г.
Министерот за правда Јетон Шасивари изјави дека европската интеграција на Северна Македонија не смее да се сведе само на усогласување на домашното законодавство со европските прописи, туку мора да претставува суштинска трансформација на институциите и на јавните услуги што ги добиваат граѓаните. Обраќајќи се на форумот насловен „Придонесот на структурираниот дијалог кон евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија: од ,темелите' и пошироко“, Шасивари порача дека вистинската мерка за успех на евроинтегративниот процес е начинот на кој граѓаните ги чувствуваат резултатите од реформите во секојдневниот живот. „Европската интеграција не е само усогласување на законодавството. Таа е трансформација на институциите, на начинот на кој работиме и на начинот на кој граѓаните ги чувствуваат резултатите од реформите“, истакна министерот за правда пред присутните на форумот. Според него, токму затоа структурираниот дијалог има особено значење, бидејќи овозможува реформите да се согледуваат како дел од една поширока европска рамка. Во таа рамка, како што посочи Шасивари, се поврзуваат владеењето на правото, институционалниот капацитет, човечките ресурси, дигитализацијата, финансиската одржливост и квалитетот на јавните услуги. Министерството за правда, како координатор на Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, е посветено на реализација на реформските приоритети утврдени во Реформската агенда, препораките од Европската комисија, оценските мисии и работата на Поткомитетот за правда и внатрешни работи. Шасивари нагласи дека преку Реформската агенда реформите се поврзани со конкретни мерки, рокови и резултати, но дека задачата на институциите е тие резултати да не останат само во стратешките документи. „Преку Реформската агенда, реформите се поврзани со конкретни мерки, рокови и резултати. Нашата задача е тие резултати да не останат само во стратешките документи, туку да станат видливи во функционирањето на институциите и во услугите што ги добиваат граѓани