Шаповалов не можеше да издржи: Алкараз во полуфинале во Токио по предаден меч
FinPortal.mk · 4.10.2026 г.
Карлос Алкараз се пласираше во полуфиналето на АТП 500 турнирот во Токио, откако Денис Шаповалов поради повреда беше принуден да го предаде четвртфиналниот меч при резултат 7:6 (7:3), 2:1 за Шпанецот. Мечот заврши по еден час и 22 минути игра. Шаповалов до проблемите со повредата беше целосно рамноправен противник на третиот тенисер во светот. Во првиот сет двајцата тенисери по трипати го одзедоа сервисот на противникот, а Канаѓанецот имаше и сет-топка при резултат 5:4. Алкараз успеа да се извлече и сетот влезе во тај-брејк, во кој Шпанецот беше подобар со 7:3. Проблемите за Шаповалов започнаа на стартот од вториот сет. При обид да стигне до една топка почувствува болка во пределот на десниот колк, по што побара медицинска помош. Канаѓанецот се врати на теренот и се обиде да го продолжи мечот, но неговото движење беше видно ограничено. По три одиграни гема во вториот сет, при водство на Алкараз од 2:1, Шаповалов пријде до мрежата и му подаде рака на противникот, со што мечот беше прекинат. Алкараз на тој начин обезбеди место меѓу четворицата најдобри во Токио. Шпанецот по мечот испрати порака за поддршка до повредениот противник, пишувајќи на камерата: „Брзо закрепнување. Карлос Алкараз“. Во полуфиналето ќе следува шпанска пресметка. Алкараз ќе игра против сонародникот Хауме Мунар, кој претходно го елиминираше Французинот Киријан Жаке со 6:4, 6:2. Мунар до главниот турнир стигна преку квалификациите, а на патот до полуфиналето го елиминираше и Тејлор Фриц. Полуфиналниот меч меѓу Алкараз и Мунар е закажан за понеделник.