Серафимовски: Европската поддршка ја забрзува модернизацијата на земјоделството и преработката

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска изјави дека континуираната поддршка од Европската Унија овозможува натамошна модернизација на земјоделските стопанства и на преработувачката индустрија, воведување нови технологии и усогласување со европските стандарди. Ова тој го порача на состанокот на Секторската работна група за земјоделство и рурален развој, која е воспоставена во рамките на секторскиот пристап за програмирање и координација на претпристапната помош од Европската Унија (ИПА).
Според министерот Серафимовски, посебен акцент во иднина ќе се стави на консолидацијата на земјоделското земјиште, развојот на системите за наводнување, зајакнувањето на задругите и на организациите на производители, како и на подобрувањето на земјоделските вредносни синџири. Тој посочи дека идните мерки ќе бидат насочени и кон развој на климатски отпорно и еколошки одржливо земјоделство, кон ревитализација на руралните средини и кон развој на дополнителни економски активности, со поддршка за младите земјоделци, за жените и за малите стопанства, како и со натамошно унапредување на безбедноста на храната и на здравјето на животните и растенијата.
„Нашата заложба е да продолжиме со ефикасно спроведување на ИПАРД III програмата, но и навремено да се подготвиме за новиот финансиски период 2028–2034 година. Активно работиме на идентификување на идните можности за финансирање, имаме капацитети за квалитетни инвестициски проекти за успешно користење на европските средства“, истакна Серафимовски.
На состанокот учествуваа раководителот на Секторот за операции во Делегацијата на Европската Унија, Евоут Сандкер, како и претставници на меѓународни организации и на надлежни институции. На средбата беа разгледани приоритетните области за новата финансиска рамка која ќе следува по 2027 година, статусот на ИПА-проектите и придобивките од заедничкото уредување на пазарите за земјоделски производи.
Осврнувајќи се на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, министерот Серафимовски порача дека Министерството ќе се фокусира на исполнување на преземените обврски и на спроведување на потребните реформи, преку конкретни активности за реализација на препораките и преку редовно следење на постигнатиот напредок. Со тоа, како што беше нагласено, се потврдува определбата за натамошна модернизација на домашното земјоделство со европска поддршка и за успешно користење на достапните европски средства во корист на земјоделците и на преработувачката индустрија.