Сензори за гликемија за 800 пациенти со дијабетес тип 1 — зголемени и количините на инсулин и антидијабетична терапија

Министерството за здравство обезбедило сензори за континуирано следење на гликемијата за 800 лица со дијабетес тип 1, а со последната јавна набавка се зголемени и количините на инсулинска и антидијабетична терапија. Од ресорот информираат дека набавката е склучена во април годинава и важи до април 2028 година.
Според информациите од Министерството, во мај и јуни биле заменети сите трансмитери согласно со протоколот, а на пациентите им биле распределени сензори за шест месеци, односно до декември 2026 година. Сензорите се наменети за лица со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, за бремени жени, за слепи лица, како и за пациенти со најтешки компликации и придружни заболувања. Пациентите ги подигнуваат помагалата во инсулинските аптеки, согласно со утврдениот режим.
Од Министерството за здравство посочуваат дека со оваа мерка, во рамките на расположливите буџетски средства, приоритетно се опфатени најранливите категории пациенти, со цел да се овозможи континуирано следење на нивото на гликемија и подобра контрола на болеста. Според нивните податоци, сензорите за континуирано следење на гликемијата за првпат биле обезбедени во 2023 година, кога биле опфатени 650 пациенти, додека со набавката во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800.
Министерството најавува дека ќе продолжи со активностите за подобрување на грижата за лицата со дијабетес и соработката со пациентските организации. Со тоа, како што се наведува, се продолжува континуитетот во обезбедувањето на овие помагала за најранливите групи пациенти, чиј број од првото воведување на мерката досега е зголемен за 150 лица.