FinPortal.mk

Семејствата на жртвите од „Пулс“ повторно на улица: Нов марш на ангелите во Кочани

FinPortal.mk  · 
Семејствата на жртвите од „Пулс“ повторно на улица: Нов марш на ангелите во Кочани

Осумнаесет месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“, семејствата на 63-те жртви повторно ќе излезат на улиците на Кочани, со барање за вистина, одговорност и правда. Здружението „16 Март 2025“ повика граѓаните во среда, 16 септември, во 17:05 часот да им се придружат на семејствата на новиот Марш на ангелите, кој ќе започне од Паркот на Револуцијата во Кочани.

„18 месеци без нив. 18 месеци со празни места во нашите домови и со болка што времето не ја намалува. 18 месеци во кои 63 семејства живеат со отсуството на оние што требаше да бидат тука“, порачаа од Здружението. Овојпат семејствата упатуваат особено директен повик до сограѓаните – поддршката да не остане само на социјалните мрежи, туку да биде покажана и со присуство на маршот.

„Не само со збор. Не само со коментар или поддршка на Фејсбук. Туку со присуство. Со коментари по Фејсбук не се гради подобро Кочани, ниту подобра иднина. Таа се гради со присуство, солидарност и со подготвеност како заедница да застанеме едни покрај други кога тоа е најпотребно“, велат од „16 Март 2025“.

Од Здружението повикуваат граѓаните на 16 септември да застанат до семејствата и да чекорат во спомен на 63-те млади животи згаснати во пожарот во „Пулс“. „Дојдете за 63-те млади животи што требаше да имаат иднина. Дојдете за нивниот спомен. Дојдете затоа што Кочани заслужува иднина во која човечкиот живот, безбедноста и одговорноста ќе бидат пред сè“, се наведува во повикот.

Семејствата велат дека не бараат многу – само еден час присуство и еден заеднички чекор со кој Кочани ќе покаже дека не заборава. „Еден час. Еден марш. Еден заеднички чекор што ќе покаже дека овој град памети, сочувствува и бара промена“, порачуваат тие.

Маршот ќе започне во 17:05 часот од Паркот на Револуцијата. „Дојдете и чекорете со нас. Не заради нас. Заради нив. Заради нашите 63 ангели. И заради Кочани што мора да биде подобро и побезбедно за генерациите што доаѓаат“, стои во повикот „Да не чекориме сами. Да чекориме заедно. За вистината. За правдата.“

Ова е втор пат семејствата организирано да излезат на улица по трагедијата, со цел јавноста да не заборави на барањето за одговорност и вистина за настанот што го потресе целиот регион.