Семејствата на загинатите во Кочани бараат донации за меморијален парк „Патека на бесконечноста

Семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, преку Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“, започнаа јавен повик за донации за изградба на меморијален парк под името „Патека на бесконечноста“. Целта е споменот на 63-те загинати во трагедијата од 16 март 2025 година да продолжи да живее и за идните генерации, соопштија од Здружението.
Според соопштението, станува збор за иницијатива на семејствата на загинатите, чија цел е создавање достоинствено спомен-обележје посветено на 63-те млади животи. Меморијалниот парк е замислен како место за тишина, молитва и сеќавање, каде што имињата на загинатите ќе бидат зачувани и за идните генерации.
Од Здружението велат дека основниот проект веќе е изработен, а следниот предизвик е обезбедување средства за неговата реализација. Затоа упатуваат апел до граѓаните, компаниите, институциите и организациите во земјава и странство да се вклучат во иницијативата.
„Не е важна големината на донацијата. Важна е човечноста што стои зад неа. Секој придонес ќе биде чекор поблиску до местото каде што спомените ќе живеат, а љубовта ќе продолжи да зборува“, порачуваат од Здружението.
Оттаму посочуваат дека „Патека на бесконечноста“ не е само проект за изградба на меморијален парк, туку и завет на семејствата дека имињата, соништата и споменот на нивните најблиски никогаш нема да бидат заборавени.
Во рамки на повикот се објавени и податоци за уплата на донации во денари и девизи. Донациите во денари се уплатуваат на примачот Здружение на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“ во УНИБанка АД Скопје, на наменска сметка 240130121745838, со назнака „Донација за Патека на бесконечноста“.
За донации од странство, како што е наведено, се користат податоците за примачот ZDRUZENIE 16TI MART 2025 KOCANI, IBAN MK07240130121745838, SWIFT/BIC UIBMMK22XXX, во банката Universal Investment Bank AD Skopje (UNIBANK), со платежна назнака „Donation – Path of Infinity Memorial Park“.
Од Здружението повикуваат граѓаните да ја поддржат иницијативата, нагласувајќи дека сеќавањето на 63-те загинати е одговорност на целото општество.