FinPortal.mk

Седлоски пред дуелот со Швајцарија: Не дојдовме само да го одработиме мечот, сакаме резултат

FinPortal.mk  · 
Седлоски пред дуелот со Швајцарија: Не дојдовме само да го одработиме мечот, сакаме резултат

Македонската фудбалска репрезентација пристигна во Луцерн, каде што ја очекува најтешкиот предизвик во Лигата на нации. Во рамките на четвртото коло од Лига Б, нашите репрезентативци излегуваат на мегдан со првиот фаворит и лидер во групата — моќната селекција на Швајцарија. По убедливиот пораз во Скопје пред малку повеќе од една недела, желбата во таборот на „црвено-жолтите“ е јасна: поправен испит, отстранување на грешките и борба до последната минута.

На официјалната прес-конференција, селекторот Гоце Седлоски отворено порача дека тимот не дојде само да одигра. „Знаеме со каков ривал си имаме работа и за какви играчи станува збор. Мораме да ги исправиме грешките од Скопје и со колективна игра, сите за еден — еден за сите, да покажеме дека знаеме да ги отстраниме слабостите. Швајцарија е велесила, но ние не дојдовме тука само да го одработиме мечот, туку да направиме резултат! По сите порази, конечно сакаме еден добар натпревар и причина за радост“, изјави Седлоски.

Селекторот упати и јасен апел до јавноста — целиот притисок да падне врз неговите плеќи, а фудбалерите да ја добијат потребната поддршка. „Критиките нека одат на моја адреса, а на играчите во овој момент им треба ветар во грбот. Здравствениот билтен е одличен, сите се во полн тренажен процес. На мотив не смее ни да се мисли — кога играте пред полн стадион и против ваков противник, мотивацијата мора да дојде сама по себе. Се уште немаме победа ниту даден гол, па затоа ќе има промени и свежа крв. Четири меча за 12 дена се огромен физички напор и затоа ќе дадам шанса на момци кои се свежи. Немам замерки за борбеноста, но понекогаш противникот едноставно не ти дозволува да развиеш игра“, додаде тој.

Голема позитивна вест за националниот тим е враќањето на Езгјан Алиоски, кој ги надмина проблемите со мускулот и се очекува да го заземе своето место во тимот. „Алиоски почувствува болка во листот пред мечот во Скопје, но по терапиите се врати и сигурно ќе биде во конкуренција за првите единаесет. Сите повикани играчи ќе добијат шанса. На тренинзите видов желба и подготвеност кај сите. Имаме млади момци кои одлично се вклопија со поискусните и мораме да растеме од натпревар во натпревар“, заклучи Седлоски.

Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија е закажан за вторник со почеток од 20:45 часот. Ова ќе биде втор меѓусебен дуел во историјата меѓу овие две селекции.