СДСМ: Земјоделците плаќаат повеќе, а добиваат ништо — Мицкоски гледа кон дата-центри и антимон

Опозициската СДСМ излезе со остра реакција на најновите податоци на Државниот завод за статистика, според кои трошоците за земјоделско производство во август се зголемени за 6,8 проценти, додека цените што ги добиваат производителите се намалени за дополнителни 2,2 проценти. Од партијата велат дека ваквите бројки ја потврдуваат нивната теза дека македонскиот земјоделец ја плаќа сметката за владината политика, а не добива ништо за возврат.
Според соопштението на СДСМ, трошоците за гориво и енергија се зголемени за 15,8 проценти, за машините за 13,4 проценти, а за транспортната опрема за 19,6 проценти. Од друга страна, цените на зеленчукот се намалени за 6,4 проценти, на овошјето и грозјето за 7,2 проценти, а на производите од животинско потекло за 7,7 проценти. „Нивата поскапе. Откупот поевтини. Во продавница храната не падна како на нива туку се покачи. Разликата ја јаде синџирот. Земјоделецот ја плаќа двапати“, велат од партијата.
Од СДСМ потсетуваат дека претседателот на партијата, Венко Филипче, пред месеци предупредувал какви ќе бидат последиците од, како што велат, погрешната политика и намалувањето на субвенциите за околу 40 милиони евра. Тие наведуваат дека авансната исплата е укината, дека зелената нафта доцни и дека прагот за помош се качува, а како резултат на тоа пиперката и грозјето се откупуваат по понижувачки цени. Како илустрација, од партијата посочуваат дека зелката од 25 до 30 денари паднала на 6 до 8 денари.
Во соопштението се тврди и дека европските пари биле замрзнати откако, како што се наведува, власта била фатена како краде од фондовите, а задругите останале без поддршка. Од СДСМ велат дека Владата има на располагање 5,53 милиони евра за Гета и бизниси, како и 1,6 милиони евра, но дека за земјоделците што ја хранат државата немаат ништо освен статистика и молк.
„ВМРО-ОКГ не води земјоделство. Води плен. Горивото го пуштија да поскапи до плафон, па дојдоа со половина мерка. Само дел од ДДВ и тоа доцна. Акцизата ја оставија“, се вели во партиското соопштение. Од СДСМ потсетуваат дека уште на самиот почеток барале укинување на акцизата, намалување на ДДВ на 5 отсто на енергенсите и минимална цена од 600 евра, но, како што велат, власта не мрднала.
Од опозицијата порачуваат дека се на страната на земјоделците и дека инсистираат на редовна субвенција, аванс, зелена нафта на време, фер откуп и помош што стигнува навреме до земјоделците, но и до малиот, а не само до големиот откупувач. „Без тоа оваа есен нема да има берба ниту сеидба туку пресметка на бандата врз грбот што произведува храна“, се вели во соопштението на СДСМ.