СДСМ: Владејачкото мнозинство ги остави земјоделците без поддршка, гласаше против предлог-законот

Пратениците од владејачкото мнозинство, составено од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, го одбија предлог-законот на СДСМ за финансиска поддршка на земјоделците, со што, според опозицијата, уште еднаш покажале дека не им се важни луѓето што ја хранат државата. Ова го изјави Симона Цветаноски од СДСМ, која оцени дека станува збор за „арамијата Мицкоски и неговата криминална влада“.
Според Цветаноски, пратениците на власта застанаа против лозарите и гласаа против тоа тие да добијат 8 денари за килограм произведено и продадено грозје од сортите „Вранец“ и „Кратошија“, како и 300.000 денари по хектар за оние кои нема да успеат да го продадат грозјето. Таа нагласи дека со тоа земјоделците се оставени сами, на цедило, среде криза, кога земјоделството е пред колапс.
Цветаноски посочи дека владејачкото мнозинство застанало и против производителите на пиперката ајварка, гласајќи против тоа тие да добијат 10 денари за килограм продадена пиперка и 200.000 денари по хектар евидентирана засадена површина. Исто така, како што рече таа, пратениците на ВМРО, ЗНАМ и ВЛЕН застанаа против производителите на пченица и гласаа против тоа тие да добијат 5 денари за килограм пченица.
Опозицијата тврди дека власта застанала и против сточарите, гласајќи против тоа тие да добијат 8.000 денари по грло говедо, како и против оризарите, кои според предлогот требало да добијат 10 денари за килограм произведена и продадена оризова арпа.
„Тоа е вистинското лице и лицемерие на арамијата. Нема пари за земјоделците, ама има пари за криминални партиски тендери и договори“, изјави Цветаноски. Таа потсети дека пред избори власта ветуваше земјоделска преродба, повисоки субвенции, сигурен пласман и повисоки откупни цени, а наместо тоа, како што оцени, направила пустош.
„Се што ветија излажаа. Како сега ќе ги погледнат земјоделците во очи“, праша Цветаноски, упатувајќи остра критика до премиерот и владејачката коалиција за односот кон земјоделскиот сектор.
Одбивањето на предлог-законот доаѓа во момент кога, според опозицијата, земјоделството се соочува со сериозна криза, а производителите остануваат без очекуваната државна помош. СДСМ смета дека ваквиот потег на власта е директен удар врз илјадници семејства чиј опстанок зависи од земјоделското производство.