СДСМ: Трошоците за земјоделско производство пораснале 8,8 отсто, а цените на производите само 2,3 отсто
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
СДСМ преку соопштение обвини дека земјоделците во Македонија се соочуваат со сè поголеми трошоци и недостиг од поддршка, додека цените на земјоделските производи растат многу побавно. Според партијата, трошоците за земјоделско производство се зголемиле за 8,8 проценти, а цените на производите за само 2,3 проценти. Од СДСМ велат дека поскапувањето на дизелот и ѓубривата, недостигот од субвенции и откупни цени ги довеле земјоделците во тешка положба. Партијата тврди дека Владата не ги спровела мерките што ги предложила на почетокот на кризата, а дополнителен проблем е и застојот во програмата ИПАРД, по апсењето на директорот, за кој наведуваат дека бил од ВМРО-ДПМНЕ. Според СДСМ, наместо да ги зголемуваат производството и извозот, земјоделците се соочуваат со ситуација во која не можат да ги продадат производите ниту по симболични цени. Од партијата оценуваат дека неисполнетите реформи и недоволното користење на европските фондови ја влошуваат состојбата во секторот. Во соопштението се критикуваат и владините економски политики. Од СДСМ обвинуваат дека додека премиерот Христијан Мицкоски зборува за економски раст и повисоки плати, а министерката за стабилност, земјоделците се соочуваат со повисоки трошоци за гориво и ѓубрива и со неизвесен откуп. Партијата наведува и дека Владата не ги поддржала нејзините предлози за помош на земјоделците во Собранието. „Ова не е земјоделска политика, туку напуштање“, велат од СДСМ, барајќи обезбедување откуп, субвенции, мерки за горивото и функционална програма ИПАРД. Партијата повикува и на поголема поврзаност со европските пазари и користење на европските фондови. Од СДСМ порачуваат дека се потребни конкретни мерки за да им се помогне на земјоделците, кои, според нив, се оставени сами да се справуваат со растечките трошоци и недостигот од сигурен пласман на производството.