FinPortal.mk

СДСМ со марш во Прилеп одбележа 85 години од народното востание

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
СДСМ со марш во Прилеп одбележа 85 години од народното востание

Со песната „Во борба, во борба, во борба, македонски народе“, со македонски знамиња и со транспарент на кој пишуваше „Непокор. Борба. Иднина – 85 години антифашизам“, учесниците на маршот на СДСМ денеска во Прилеп го одбележаа 11 Октомври – Денот на народното востание. Маршот се одржа под истиот слоган, а присутните ја пееја песната посветена на борбата за слобода, чии стихови гласат: „Во борба, во борба, во борба, македонски народе. За света народна слобода со песни и радост се мрее!“

На маршот се обрати и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој порача дека антифашистичките вредности се темел на македонската државност и дека борбата за слобода и правда продолжува и денес. „Антифашизмот е нашиот темел, борбата за слободна и праведна Македонија е наша обврска“, истакна Филипче пред присутните во Прилеп.

Тој рече дека СДСМ се смета за наследник на државотворните политики и вредностите на антифашистичката борба, нагласувајќи дека денешните предизвици бараат истрајност и демократска борба за правда и вистина. „Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, во Собранието и со гласот на граѓаните“, рече претседателот на СДСМ.

Во своето обраќање, Филипче потсети на историското значење на 11 Октомври и на жртвата на партизаните во борбата за слобода и создавање на македонската држава. Тој порача дека обврска на денешните генерации е да ја зачуваат државата, да ја зајакнат економски и да создадат услови младите да останат да живеат во Македонија.

„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача“, истакна претседателот на СДСМ. Со овие пораки, маршот во Прилеп ги обедини сеќавањето на антифашистичката традиција и актуелните политички пораки за иднината на земјата.