FinPortal.mk

СДСМ поднесе 2.000 амандмани за да го блокира законот за јавни набавки

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
СДСМ поднесе 2.000 амандмани за да го блокира законот за јавни набавки

СДСМ ќе се обиде да го блокира донесувањето на законот за јавни набавки со поднесување околу 2.000 амандмани, изјави претседателот на партијата Венко Филипче на денешната прес-конференција. Според него, предложените законски измени отвораат простор за трошење јавни средства без доволна контрола, поради што опозицијата решила да ја искористи својата законска можност и да поднесе амандмани со цел законот да не помине.

Филипче изрази забелешки на предложените измени, оценувајќи дека тие му овозможуваат на кој било функционер да троши 10.000 евра каде сака, кога сака, без никаква контрола и без да даде отчет никому. Тој посочи дека законот предвидува зголемување на лимитот на пари за набавки без тендер од 5.000 на 10.000 евра за градежни работи, како и од 1.000 на 2.000 евра за стоки. Според него, токму тоа се предлага во законот за јавни набавки.

Како дополнителна забелешка, Филипче наведе дека се укинува обврската воведена во 2019 година да се бара согласност од Бирото за јавни набавки за постапки за преговарање без оглас. Со тоа, како што рече, се отвора неограничена можност да се прават набавки со договор во четири очи, без апсолутно никаква контрола. Тој додаде и дека се зголемува сумата за надоместок за поднесување жалба од сегашните 5 до 200 евра на 150 до 600 евра, со што, според него, целта е да се обесхрабрат фирмите, посебно помалите, да не можат да се жалат за постапките затоа што ќе им биде скапо.

Филипче се осврна и на пристапот до јавни податоци, наведувајќи дека досега тој бил бесплатен и дека секој новинар, граѓанска организација или граѓанин можел да има увид во формат погоден за обработка, а со измените сега треба да се плати на Бирото за јавни набавки. „И затоа користејќи ја нашата законска можност ние поднесовме 2.000 амандмани со цел да го блокираме законот, да не помине, тоа е целта“, рече Филипче.

Тој, сепак, додаде дека деловничката одредба е таква што може да се дадат амандмани што се однесуваат само на делот за кој претседателката дава забелешка, односно за времетраењето на мандатите на луѓето во државните комисии за јавни набавки. Законот за јавни набавки денеска е на собраниска седница, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпиша и го врати само за еден сегмент. Во забелешките на претседателката стои дека таа има забелешка за мандатите на членовите во комисиите, затоа што ако мандатот е неограничен како што се предлага во државната комисија за жалби и јавни набавки, тогаш можело да има влијание на управувањето и трошењето на јавни средства.

Според Филипче, претседателката нема забелешка на другите работи, но опозицијата има, и тоа токму на зголемувањето на лимитите за набавки без тендер и на укинувањето на согласност од Бирото за јавни набавки. Тој нагласи дека на претседателката очигледно не ѝ смета она што го предлага Христијан, односно зголемувањето на лимитите, што според него покажува дека забелешките на претседателката се однесуваат само на еден дел од законот, додека останатите спорни одредби остануваат надвор од нејзиниот фокус.