СДСМ: Мицкоски надувува бројки — Гета објави 50.000 посетители, премиерот тврди 200.000

Опозициската СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека ја преувеличува бројката на посетители на прославата во Скопје, како и трошоците за настанот. Од партијата посочуваат дека Дејвид Гета објавил оти на неговото шоу во Скопје имало 50.000 фанови, додека Мицкоски зборувал за над 200.000 граѓани.
„Гета објави 50.000 фанови на шоуто во Скопје. Мицкоски го зеде тоа и го надува на над 200.000 граѓани. Четири пати. Како пензиите. Како економијата. Како сè што излезе од неговата уста“, велат од СДСМ во соопштението.
Опозициската партија го обвинува Мицкоски и дека тврдел оти прославата не чинела ниту денар од парите на граѓаните, додека, според нив, сметката изнесувала 5,53 милиони евра. Од СДСМ велат дека средствата биле обезбедени преку Државната лотарија, која е во државна сопственост, поради што, според нив, станува збор за пари на граѓаните.
„Крај на бајката. ‘Нула денари’ е лага. ‘Пари од компании’ е лага. ‘Општествено одговорна фирма’ е маска“, се наведува во реакцијата на партијата.
Од СДСМ тврдат дека парите биле потрошени за бината, настапот на диџејот, Бобан Авалон и, како што наведуваат, провизии. „Значи, граѓаните платија. И тоа – многу платија“, велат од партијата.
Во реакцијата се критикува и најавата за организирање вакви настани секоја година. Од СДСМ велат дека тоа би значело повторување на истиот модел со, како што го нарекуваат, „истата каса, истата провизија, истата лага, истото надувување на цени и публика“.
Од партијата го обвинуваат Мицкоски дека ги „надувува“ бројките и во други области, посочувајќи ги пензиите, економијата, туризмот, авиосообраќајот, платите и бројот на посетители на концертот.
„Концертот – 200.000 славеле. Сметката – нула. Ништо од тоа не стои. Стои само методот. Земи бројка. Помножи ја со четири. Излези пред камера“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ повторуваат дека разликата меѓу бројката што ја објавил Гета и онаа што ја соопштил Мицкоски, според нив, ја покажува разликата меѓу реалноста и начинот на кој власта ги претставува податоците.