СДСМ: Мицкоски ја менува приказната за дата-центарот — водата ја тргнаа, сметката за струја останува

Опозициската СДСМ излезе со остра реакција на сметка на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот проект за дата-центар, оценувајќи го како нова манипулација со јавноста. Според партијата, до вчера дата-центрите биле претставувани како иднина без последици, а граѓаните биле уверувани дека единствениот проблем е водата. Сега, тврдат од СДСМ, раскажувањето е сменето — се зборува за затворен круг, воздушно ладење и фреон, а водата е тргната од соопштението.
Од СДСМ потсетуваат дека физиката не е кампања. Серверите произведуваат топлина, а топлината мора да излезе. Ако не излезе преку вода што испарува, излегува преку вентилатори, клими и компресори. Токму тоа, велат од опозицијата, „јаде“ струја. Според нивните објаснувања, воздухот ја пренесува топлината лошо, поради што воздушното ладење кај ваквите објекти одзема и до третина од целата електрична енергија на салата. Фреонот, пак, е „голема клима“ — што значи пари на броило и бучава околу објектот.
„Водата може да се тргне од приказната. Сметката не“, велат од СДСМ. Првата варијанта веќе била скапа струја за самиот центар, а сега, со „новата“ технологија што се продава како спас, ладењето станува уште „пожедно“ на киловати електрична енергија. Според партијата, водата е помалку загрозена, но граѓанинот е повеќе загрозен.
Од СДСМ ја ставаат работата во поширок контекст на енергетската состојба во земјата. Како што велат, Македонија увезува струја, ЕСМ е во загуба, а земјата се задолжува секоја недела. Во такви услови, секој нов мегават наменет за туѓ сервер влегува во цената на домаќинствата. „Во земја што увезува струја, во кој ЕСМ е во загуба, која се задолжува секоја недела, секој нов мегават за туѓ сервер влегува во цената на домаќинствата“, порачуваат од партијата.
Опозицијата тврди и дека знае кој тргува со струја — Мицкоски и партнерот Душан Адамовиќ, почесен конзул на Македонија во Србија, кого го опишуваат како човек што Македонија ја нарекува окупирана српска територија. Нивниот омилен бизнис, според СДСМ, е увоз, разлика и провизија. Дата-центарот, велат, е нова станица на истата мрежа, со разговори со пет-шест фирми, имиња под радар, договор без бројки и гаранција на камера.
„Не може да избега од лагата, затоа што зад секоја лага стои криминал и корупција. Прво ја скри водата. Сега ја крие струјата“, се вели во реакцијата на СДСМ. Од партијата додаваат дека Америка носи закон со кој ги заштитува домаќинствата од сметките на серверите, додека Мицкоски, како што тврдат, дава интервју во кое вели дека секој што прашува на темата е од 19 век.
СДСМ бара видлив проект на маса: колку мегавати, каков систем, која цена и кој ја плаќа разликата кога ЕСМ нема. Без тие податоци, сето ова не е технологија, туку увоз облечен во фреон, сметаат од опозицијата. Според нив, водата ја тргнаа од соопштението, но сметката за струја останува — и токму таа ќе ја платат граѓаните.