СДСМ: Македонија кај Мицкоски е економски тигар, но граѓаните тоа сè уште не го гледаат на сметката
FinPortal.mk · 13.9.2026 г.
Опозициската СДСМ утрово излезе со остри реакции против премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, оспорувајќи ги неговите тврдења за растот на пензиите, состојбата на економијата и борбата против криминалот. Партијата притоа изнесе и серија тешки обвинувања за злоупотреба на државните институции и јавните пари, со порака дека статистиката што ја презентира власта не се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните. Првата реакција на СДСМ следува по изјавите на Мицкоски за економските резултати на Владата и неговото тврдење дека растот на пензиите е значително поголем во споредба со периодот кога владееше СДСМ. „Овој пат пензиите му пораснале '16 пати' повеќе отколку во времето на СДСМ, а граѓаните наводно живееле подобро отколку пред три години. 16 пати. Не процент. Пати“, реагираат од опозицијата, споредувајќи ја владината порака со реалноста што ја доживуваат луѓето. Партијата ги оспорува и оценките на премиерот за позицијата на македонската економија, како и резултатите во туризмот и авиосообраќајот, тврдејќи дека податоците што ги презентира власта не се гледаат во секојдневниот живот. „Македонија кај него е економски тигар. Само народот тоа уште не го видел на сметката“, велат од СДСМ, додавајќи дека граѓаните реалноста ја мерат преку цените во продавниците, аптеките, сметките за струја и сопствените приходи. Во продолжение на реакцијата, СДСМ повторно го отвора и прашањето за средствата од Државната лотарија употребени за одбележувањето на 35-годишнината од независноста. Според партијата, станува збор за 5,5 милиони евра, а власта се обвинува дека јавните средства ги претвора во инструмент за политичка промоција. Опозицијата изнесува критики и за состојбата во ПИОМ и вториот пензиски столб, при што тврди дека власта се обидува финансиските проблеми да ги покрива на товар на заштедите на граѓаните. „Нема 16 пати поголем раст. Има 16 пати поголем цинизам. Нема подобар живот од пред три години. Има само режија на лагата“, се наведува во реакцијата