FinPortal.mk

СДСМ: Истовремените соопштенија на ВМРО-ОКГ и ЗНАМ 2.0 се со ист ракопис и иста порака

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
СДСМ: Истовремените соопштенија на ВМРО-ОКГ и ЗНАМ 2.0 се со ист ракопис и иста порака

Од опозициската СДСМ реагираа на истовременото соопштение на ВМРО-ОКГ и на Платформата – ЗНАМ 2.0, оценувајќи дека двете соопштенија се со ист ракопис и со иста порака. Од партијата велат дека станува збор за обид за внесување немир во редовите на СДСМ и порачуваат дека „не поминува“.

Во реакцијата на СДСМ се наведува дека соопштението доаѓа од „тие што ја доведоа партијата до историски пораз во 2024 година“, од „тие што ја предадоа партијата на ВМРО“ и од „тие што заедно со Максим Димитриевски и руската Левица, бараат реформи во СДСМ“. Од партијата ги набројуваат и обвинувањата: „Тие што добија тендер од 1,6 милиони евра. Тие што го бранат трговецот со оружје што му плаќа на Мицкоски лобирање за американска ходник дипломатија. Тие што набавуваат хеликоптери, па ВМРО го става случајот во фиока. Тие што дозволија Артан Груби да игра фудбал по канцеларии. Тие што ја пишуваа програмата, што беа шефови на штабови по изборни единици, носители на листи на најголемиот пораз на СДСМ. Тие што потпишуваа петиција за ослободување на Орце Камчев. Тие што молчеа кога се носеше Кривичниот закон за да се ослободат некои“.

Според СДСМ, истите тие денес ја обвинуваат партијата за резултатот во Брвеница, „резултат што е поголем од нивниот и подобар од лани за 46 проценти“. Од партијата додаваат дека тие се повикуваат на „анкетата на ВМРО платена 400.000 евра, анкета што не можеше повеќе да го скрие падот на ВМРО и на арамијата Мицкоски, што мораше да објави пад на повеќе од 40 проценти“.

Во реакцијата се поставува и прашањето кому му пишува текст Ивона Талевска, „па се однесуваат како портал на ВМРО, како Орбанов медиум што тврди дека некој договара влез во влада со Мицкоски“. Од СДСМ ја оценуваат Платформата – ЗНАМ 2.0 како „жолта штампа“ и како „лош ученик на Латас“, прашувајќи дали има уште некој на кого не му е јасен „овој обид за внесување немир во редовите на СДСМ“.

„Не поминува“, порачуваат од партијата, додавајќи: „Прочитани сте одамна. СДСМ не се предава на кафеана, хотел и тендер. СДСМ не е на продажба. Македонија не е на продажба“.