СДСМ: Две и пол години власт на Мицкоски донесоа сиромаштија, изолација и милиони евра народни пари во партиски тендери

Две и пол години власт на Мицкоски и ВМРО-ОКГ донесоа пад на економијата, полош животен стандард, уништено стопанство, нови задолжувања и заглавен европски пат, оценуваат од СДСМ во соопштение до јавноста. Според опозициската партија, додека милиони евра народни пари завршуваат во партиски тендери, за граѓаните нема пари, а последиците се чувствуваат на сите нивоа од секојдневието.
Од СДСМ конкретно наведуваат дека 5,53 милиони евра се потрошени за диџеј, а скандали со тендери вредни 200 милиони евра ја оптоваруваат државата. Според нив, се врши распродажба на земјата, водата и рудата, а во планот до 2040 година се предвидени пет нови рудници, меѓу кои и рудник за антимон кај Крива Паланка, како и дата центри. Од партијата тврдат дека сите овие проекти се за туѓи интереси, провизии и профити на сметка на народот, а бизнис-мрежата во енергетиката работи со полна пареа, вклучително и договор за броила и зделки со автобуси поврзани со Орбан.
За тоа време, оценуваат од СДСМ, потрошувачката кошничка со изнајмен стан достигнала над 90.000 денари. Работниците, додаваат од партијата, се со најниски плати во Европа и едвај врзуваат крај со крај. „Се е поскапено, горивата отидоа над 100 денари, а Владата на Мицкоски не презема ништо, нема пари за 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Од опозицијата посочуваат и дека земјоделците се на работ на егзистенција, без пари, без откуп и без пласман, субвенциите се намалени за 40 милиони евра, доцнат и не се исплаќаат, а ИПАРД е загрозена поради корупција на директорот. Пензионерите, според СДСМ, се украдени и се соочуваат со неизвесност, додека дупката во ПИОМ достигнува една милијарда евра. „Нема пари, па власта сака да посегне и по парите од вториот пензиски столб“, предупредуваат од партијата.
Долговите, тврдат од СДСМ, растат секоја недела. За само две и пол години Мицкоски и ВМРО ги зголемиле за 4 милијарди евра, колку половина од вкупното задолжување во изминатите 30 години. Странските инвестиции се најниски во историјата, само 18,7 милиони евра во вториот квартал од 2026 година, наведуваат од партијата.
Според СДСМ, бидејќи во Буџетот нема пари, се спрема втор ребаланс само два месеци по првиот, а со тоа и ново задолжување на грбот на народот. „Тотален економски дебакл. Европскиот пат е блокиран. Македонскиот идентитет, јазик и култура се зачувани, но Мицкоски се плаши од европско обвинителство и земјата ја турка кон изолација. Наместо реформи и европска иднина, арамијата турка агенди што ја оддалечуваат Македонија од ЕУ“, велат од опозициската партија.
Како заклучок, од СДСМ порачуваат дека две и пол години Влада на Мицкоски донесоа сиромаштија, изолација, уништено стопанство, полош стандард и уште поголемо иселување на младите. „Трета економија во Европа со граѓани кои имаат празни паричници и празни ветувања“, оценуваат од партијата, повикувајќи на итна промена на курсот пред земјата целосно да се оддалечи од европскиот пат.