СДСМ: ДКСК отвори предмет за судир на интереси, но за проневерата од 5,5 милиони евра потребна е истрага на Обвинителството

Отворањето предмет од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за можен судир на интереси кај едно лице не претставува истрага за проневера на 5,5 милиони евра, соопштија од СДСМ. Од партијата нагласуваат дека судирот на интереси на член на Комисијата, кој истовремено учествувал и како изведувач, е само еден сегмент од целиот случај и дека за целосно расветлување на скандалот е неопходна истрага од страна на Обвинителството која ќе го следи трагот на парите.
Според соопштението на СДСМ, јавноста претходно била изложена на лажна информација дека прославата чинела „нула денари“, за подоцна да се дознае дека биле потрошени 5,5 милиони евра. Од партијата тврдат дека потоа настапил молк, дека се кријат документи, договори, анекси, исплати и фактури, па дури и податоци за тоа дали е платен данок. „Така функционира организирана криминална група – крие за да не се откријат провизиите, матните зделки и злоупотребите“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ посочуваат дека граѓаните ја платиле сметката и имаат право да знаат каде завршил секој денар. Затоа, како што велат, Јавното обвинителство мора веднаш да отвори предмет, да ја обезбеди целокупната документација, да го следи текот на парите и да утврди како биле носени одлуките.
Во соопштението се поставуваат низа конкретни прашања до надлежните органи. Од СДСМ бараат одговор каде е одлуката на Собранието на акционери на Лотарија која мора да постои согласно закон, кој орган го одобрил трошењето на над 300 милиони денари, на која седница била донесена таа одлука, кој гласал за неа и врз основа на кој закон. Исто така, прашуваат како е можно јавен повик да трае само пет работни дена, да пристигне само една понуда, а по три дена веќе да се најави настапот на Гета.
Од партијата бараат да се утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога и од кого бил договорен и кога бил исплатен. Поставуваат и прашање колку заработиле „Стардаст“, односно „Авалон“, и како биле вршени исплатите додека компанијата имала блокирана сметка. Дополнително, бараат одговор дали воопшто е платен данок и каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продадените билети, како и дали за овие приходи бил платен данок.
„Ова се премногу отворени прашања, премногу матни зделки. Премногу сокриени документи. Ако сè чисто и законски, документите немаше да се кријат. Да немаше што да сокрие, арамијата Мицкоски немаше да ги лаже граѓаните дека прославата чинела „нула денари““, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ бараат целосна истрага од Јавното обвинителство и порачуваат дека народот не е ниту „талог“, ниту „идиот“. „Не можете да ги трошите парите на граѓаните, да ги лажете и потоа да ги криете одговорите. Доаѓа времето на вистината и правдата“, стои во соопштението.