СДСМ: Цените растат, платите стагнираат – Мицкоски го води народот кон сиромаштија

СДСМ во соопштение за јавност предупредува дека секој изминат месец носи нови поскапувања и дека од почетокот на годината трошоците за живот се зголемени за 4.000 денари. Според партијата, октомвриската синдикална минимална кошничка надминува 70.000 денари, а кога кон тоа ќе се додаде и киријата, таа достигнува речиси 90.000 денари.
Од СДСМ нагласуваат дека ниту три минимални плати не ги покриваат основните трошоци на едно семејство. Околу 180.000 работници примаат помалку од 31.200 денари месечно, а минималната плата останува закована на 26.000 денари. „Работникот работи цел месец, а платата не му стигнува за живот“, се вели во соопштението, каде што се тврди дека тоа е реалноста зад, како што се наведува, бајките на Мицкоски – не трета економија во Европа, туку животен стандард на една третина од европскиот.
Партијата го обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека ги одбил мерките на СДСМ за заштита на стандардот на почетокот на кризата, меѓу кои минимална плата од 600 евра и поддршка за земјоделците. Според СДСМ, цела година власта гледа како растат цените, а одбива да им помогне на граѓаните.
Од јануари наредната година се најавуваат нови поскапувања, како и повисоки сметки за струја и парно. СДСМ оценува дека додека во Европа се преземаат мерки против новиот енергетски удар, владата на Мицкоски ги остава граѓаните сами. Партијата додава и дека со новиот ребаланс повторно нема повисока минимална плата, нема мерки против поскапувањата и нема помош за земјоделците, туку има нови долгови и високи камати, чија сметка ќе ја плаќаат граѓаните и идните генерации.
Според соопштението, за само две години Мицкоски го зголемил долгот за 4 милијарди евра, што е половина од вкупниот досегашен долг на државата. „Долг врз долг, ребаланс врз ребаланс – а за народот нема пари, граѓаните сè потешко живеат“, се наведува во соопштението. СДСМ заклучува дека оваа сиромаштија е последица на одлуките на Мицкоски – да нема пари за работниците, а да има само за партиските тендери.