СДСМ: Буџетската дупка е 900 милиони евра, Владата се задолжува за да ги покрие платите и пензиите
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
СДСМ преку соопштение реагираше на најавениот нов ребаланс на Буџетот, кој доаѓа само два месеци по претходниот, оценувајќи го како показател за сериозни проблеми со државната каса и за неуспех на економските политики на Владата. Според партијата, буџетската дупка изнесува 900 милиони евра, поради што Владата нема доволно средства за плати, пензии и тековните обврски, а последица од тоа, тврдат од СДСМ, ќе бидат нови задолжувања. Од СДСМ посочуваат дека Владата веќе се задолжила со нови 250 милиони евра за буџетските потреби до крајот на годината. Според нив, тие средства не се наменети за враќање на стари кредити или за развојни инвестиции, туку за покривање на недостигот во државната каса. „Тоа е резултатот од економските политики на Мицкоски: Буџет што се полни со кредити, додека граѓаните слушаат бајки за економски успеси“, наведуваат од партијата. СДСМ оценува дека тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски за висок економски раст не се потврдиле и посочува на раст на буџетскиот дефицит и на обврските на пензискиот систем. Според партијата, токму тоа е причината што се пристапува кон нов ребаланс толку брзо по претходниот. Од СДСМ тврдат и дека со новото задолжување јавниот долг достигнува 11 милијарди евра, а заедно со долговите кон ЈПДП и другите јавни претпријатија надминува 63 отсто од БДП. „Мицкоски го зголеми долгот за 4 милијарди евра, само за две години. Половина од вкупниот долг на државата во изминатите 30 години“, обвинува СДСМ. Од партијата додаваат дека кредитите не претставуваат приход, туку обврска која, според нив, на крајот ќе ја плаќаат граѓаните, работниците и идните генерации. Според СДСМ, наместо одржлив економски развој, граѓаните добиваат нови долгови и неизвесност за исплатата на платите и пензиите.