Сали: Преговорите за Изборниот законик сè уште траат, има напори за негово усвојување
FinPortal.mk · 15.9.2026 г.
Министерот за европски прашања Беким Сали изјави денес дека политичките партии сè уште работат на Изборниот законик и дека не се откажале од неговото усвојување, иако преговорите беа блокирани и помина крајниот рок предвиден со Реформската агенда. Според Сали, по промената во Министерството за правда веќе има напори за изгласување на тој закон, но процесот останува во фаза на преговори. „Вие знаете дека тој закон беше едногласно прифатен од повеќе политички фактори, да кажам политички партии кои се дел од Собранието, меѓутоа во последен момент се повлекоа две, не ги поддржаа тие измени. По промената во Министерството за правда веќе има напори за усвојување на тој закон, меѓутоа тоа е во фаза на преговори сè уште“, изјави Сали. Министерот за европски прашања одговараше на новинарски прашања на теми европска интеграција и реформи за земјата. Прашан дали се работи нешто и на Кривичниот законик, за кој крајниот рок е декември оваа година и кој се бара во сите извештаи на Европската Унија, вицепремиерот Сали одговори потврдно и посочи дека новиот министер за правда е посветен и на тоа. „Новиот министер е посветен и на Кривичниот законик, така што сметам дека тоа се закони кои што бараат поширок консензус и поддршка од повеќе нивоа. Министерот работи и се надевам дека ќе успее да се реализира крајната цел“, подвлече Сали. Изјавата тој ја даде пред почетокот на меѓурегионалната средба на главни преговарачи и претставници надлежни за евроинтеграција од земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и од Европската комисија и меѓународните партнери. Според изнесеното, ова е уште еден по ред формат преку кој Македонија соработува околу евроинтеграцијата, бидејќи другите земји влегуваат, а нашата земја и покрај 20 години стаж останува на почетокот. На средбата беше кажано дека Македонија и останатите држави аспиранти за членство во Европската Унија мора да го забрзаат реформскиот процес преку координирана работа меѓу владите, парламентите и политичките чинители.