Сали: Македонија да биде дел од Европскиот центар за демократска отпорност уште од самото формирање
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, побара Македонија и останатите земји кандидатки за членство во Европската Унија да бидат вклучени во Европскиот центар за демократска отпорност уште од неговото формирање. Барањето Сали го изнесе во своето обраќање на работниот појадок организиран на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија, каде што во фокусот беше токму вклучувањето на земјите кандидатки во европските механизми за заштита на демократијата и за справување со хибридните закани. Според Сали, демократската отпорност е суштински дел од европската безбедност, поради што смета дека е неопходно земјите што чекаат на членство да добијат место во новиот европски механизам уште од првиот ден од неговото работење, а не откако тој целосно ќе се воспостави. Тој оценува дека таквиот пристап би бил во интерес и на самата Унија, бидејќи заканите не застануваат на границите на земјите членки. Во своето обраќање, првиот вицепремиер посочи дека странското манипулирање со информации, кибернападите и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество се закани со кои подеднакво се соочуваат и земјите членки на Европската Унија и земјите кандидатки. Според него, токму затоа е важно овие држави да бидат третирани како партнери во заедничкиот одговор, а не само како приматели на помош. Сали нагласи дека учеството во Центарот би ѝ овозможило на Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, до механизмите за рано предупредување, како и до експертизата и оперативните мрежи што ги развива Европската Унија. Таквиот пристап, како што објасни тој, би придонел и за зајакнување на националните капацитети за справување со дезинформациите, за стратешка комуникација и за кибербезбедност, но и за поддршка на независните медиуми и на граѓанското општество, кои се меѓу најизложените цели на хибридните дејства. Министерот информираше дека во земјата веќе се започнати внатрешни подготовки за суштинско учество на Македонија во Центарот.