Саинц: Прерано е да се зборува со сигурност за завршницата на Ф1 сезоната на Блискиот Исток

Возачот на Вилијамс, Карлос Саинц, изрази сомнеж дека сезоната во Формула 1 сигурно ќе заврши на Блискиот Исток според планираното, спротивставувајќи се на оптимистичките изјави на првиот човек на ФИА, Мохамед Бен Сулајем. Саинц смета дека е „прерано“ да се биде сигурен оти завршните трки во Катар и Абу Даби ќе се одржат како што е предвидено, поради крајно нестабилната политичка и безбедносна ситуација во регионот.
Претседателот на ФИА пред неколку дена изјави дека е безбедно да се одржуваат мотоспорт настани на Блискиот Исток и категорично тврдеше дека двете завршни трки сигурно ќе се одржат. Тој дури порача дека медиумите претеруваат и дека неговите деца се таму. Меѓутоа, Саинц не го дели истиот ентузијазам. Зборувајќи на прес-конференцијата пред Големата награда на САД во Остин, Шпанецот изјави: „Тие изгледаат многу убедени дека сè ќе се одржи. Лично, многу ми е тешко да бидам убеден во овој момент бидејќи сè уште се случуваат работи на Блискиот Исток“.
Саинц посочи и на претстојните избори во САД, кои според него би можеле дополнително да влијаат на политичката слика во следниот месец и половина, нагласувајќи дека светот може многу да се промени за кратко време. Неговиот сомнеж доаѓа по извештаите дека регионот се подготвува за нови воени удари, особено по ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, кој трае уште од февруари.
Оваа војна веќе ја принуди Формула 1 да ги откаже априлските трки во Бахреин и Саудиска Арабија, при што Големата награда на Бахреин на крајот беше преместена во Малезија, додека саудиската трка остана целосно надвор од календарот. Доколку конфликтот дополнително се прошири пред трките во Катар на 29 ноември и во Абу Даби на 6 декември, Формула 1 ја подготви патеката Имола како итна замена. Тоа би значело дека Ф1 сезоната за прв пат од 1997 година ќе заврши на европско тло.
Свесни за тежината на неговите зборови, од тимот на Вилијамс мораа брзо да реагираат. Шефот за комуникации Крег Вудхаус веднаш по прес-конференцијата испрати официјално појаснување до медиумите. Во новата изјава припишана на Саинц, возачот истакна дека има целосна доверба во ФИА и Формула 1, верувајќи дека безбедноста секогаш ќе биде на прво место и дека со нетрпение ги очекува трките.
Изјавите на шпанскиот возач доаѓаат во момент кога календарот на Формула 1 за оваа сезона е веќе сериозно нарушен поради безбедносните ризици во регионот, а иднината на завршницата останува отворена се додека ситуацијата на Блискиот Исток не се смири.