САД им забрани на цивилните сојузни агенции да користат технологија на DeepSeek
Администрацијата на Трамп забрани употреба на технологија поврзана со кинеската компанија за вештачка интелигенција DeepSeek во ИТ-системите на сојузните цивилни агенции во САД. Наредбата, која Министерството за внатрешна безбедност (DHS) ја објави во понеделникот, а беше издадена на 24 јули, предвидува отстранување на таквата технологија од системите и забрана за набавка на производи и услуги на DeepSeek.
Забраната не се однесува само на директните производи на компанијата, туку и на производи и услуги од трети страни кои се изградени врз основа на нејзините модели на вештачка интелигенција. Таа опфаќа сојузни цивилни агенции, меѓу кои и министерствата за финансии, надворешни работи и правда, но не и Министерството за одбрана.
Како причини за наредбата DHS наведува безбедносни грижи.
Ова не е прв пат американски институции да наметнуваат ограничувања на компанијата. Конгресот го ограничи користењето на DeepSeek во системите на разузнавачката заедница во декември 2025 година. Во март истата година, бироата на американското Министерство за трговија им соопштиле на вработените дека DeepSeek е забранет на владини уреди, објави тогаш Ројтерс. Агенцијата за информациски системи на одбраната пак презела чекори за блокирање на пристапот до моделите на DeepSeek во јануари 2025 година, според извештаи на Блумберг.
Сојузните агенции можат да побараат исклучок од наредбата, вклучително и одложување на усогласувањето, со писмено образложение до DHS во рок од 60 дена од нејзиното издавање. DeepSeek и кинеската амбасада во Обединетото Кралство не одговориле веднаш на барањето на CNBC за коментар.