Румениге: Вирц ја донесе одлуката за Ливерпул, Баерн немаше потреба да плаќа четврти играч за таа позиција

Легендарниот германски фудбалер и поранешен директор на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге, го коментираше случајот со Флоријан Вирц, германскиот репрезентативец кој минатото лето го избра Ливерпул наместо баварскиот клуб. Румениге откри дека во Баерн биле изненадени од одлуката на играчот, но и дека ја прифатиле без поголеми забелешки.
Вирц ја игра втората сезона во дресот на премиерлигашот Ливерпул, а неговите настапи досега не ги исполниле очекувањата. Германецот не успева да се наметне во играта на клубот и да го испорача она што се очекуваше од него, поради што сè почесто се слушаат коментари и ставови дека Ливерпул направил грешка со овој трансфер, за кој инвестираше преку 100 милиони евра.
Баерн Минхен беше една од екипите кои го посакуваа Вирц пред тој да се пресели на „Енфилд Роуд“. Румениге даде свој став за целата ситуација и за тоа дали баварците сега би можеле да го доведат на „Алијанц Арена“.
„Искрено, да, изненаден сум. Имавме впечаток дека оди во Ливерпул бидејќи тогашниот менаџер, Арне Слот, му ја ветил позицијата десет на која играше и во Леверкузен. Тоа беше важен фактор во неговата одлука да го избере Ливерпул. Финансиски, немаше драматични разлики. Тој ја донесе својата одлука, а ние ја прифативме“, истакна Румениге.
Тој дополнително објасни зошто Баерн не инсистирал на ангажман на Вирц, нагласувајќи ја веќе постојната кадровска состојба во клубот.
„Пред се, тоа не е моја работа. Не смеете да заборавите дека Мусијала и Гнабри играат на таа позиција, а има и други опции како што е Саибари. Нема потреба да купувате четврти играч за сумата пари што веројатно би ја чинел Вирц. Затоа велам: секој чекор што го презема играчот е нешто што мора внимателно да го размисли однапред. Дали нешто друго би можело да биде можно во одреден момент? Не знам“, заврши легендарниот Германец.
Изјавата на Румениге доаѓа во момент кога Вирц сè уште ја бара својата форма во англискиот фудбал, а Ливерпул се соочува со прашања за вредноста на инвестицијата во германскиот играч. Од друга страна, Баерн Минхен продолжува да се потпира на своите постоечки решенија во офанзивниот дел, меѓу кои Мусијала, Гнабри и Саибари, што според Румениге бил клучен аргумент против дополнително засилување на таа позиција.