FinPortal.mk

Royal Caribbean со три милијарди долари кон половина од Sandals

FinPortal.mk  · 
Royal Caribbean со три милијарди долари кон половина од Sandals

Крузерската компанија Royal Caribbean е близу до договор со кој би стекнала 50 отсто капитален удел во хотелскиот синџир Sandals, објави CNBC повикувајќи се на извор запознаен со преговорите. Според истиот извор, кој зборувал под услов да остане анонимен бидејќи разговорите не се јавни, вредноста на целиот синџир во оваа трансакција се проценува на шест милијарди долари, а очекуваниот ефект е поттикнување на растот на двете компании.

Сепак, преговорите сè уште траат и не мора да завршат со договор. Веста првпат ја објави Financial Times, по што акциите на Royal Caribbean паднаа за околу шест отсто. Хартијата на компанијата е намалена за приближно 25 отсто во текот на изминатата година, откако крузерскиот оператор ги намали прогнозите за раст на приходите поради послабата побарувачка за европските крстарења.

Доколку се реализира, зделката би ја продлабочила стратегијата на Royal Caribbean да излезе надвор од крузерите и да стане лидер во целокупната туристичка понуда. Компанијата веќе управува со неколку приватни дестинации за своите патници, но работи и на развој на копнените содржини. Sandals, заедно со својот бренд Beaches, располага со повеќе од десетина објекти низ Карибите, што на Royal Caribbean би му дало основа во сегментот на туристички аранжмани со вклучен целосен пансион.

Ниту Royal Caribbean, ниту Sandals веднаш не одговорија на барањето за коментар, се наведува во извештајот.