Рокас: ЕУ подготвува нови 40 милиони евра за воените капацитети на Македонија

Евроамбасадорот Михалис Рокас изјави дека Европската Унија досега издвоила речиси 65 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Македонија, а наскоро се очекува да бидат обезбедени дополнителни 40 милиони евра. Според него, оваа поддршка е дел од пошироката посветеност на Унијата на членството на земјава и на безбедноста во регионот.
Рокас тоа го соопшти на панел-дискусијата насловена „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, каде нагласи дека ЕУ е силно посветена на членството на земјава во Унијата и дека регионалната поврзаност и безбедноста се особено важни во актуелната геополитичка ситуација.
„Преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата и, како членка на НАТО, за унапредување на нашата безбедност“, изјави Рокас.
Според евроамбасадорот, одговорот на ЕУ и на Владата на актуелните предизвици мора да биде сеопфатен, бидејќи економската стабилност, поврзаноста и безбедноста се меѓусебно поврзани. Тој посочи дека поддршката за земјава опфаќа повеќе области – од одбраната и безбедноста до патната, железничката, енергетската и дигиталната инфраструктура.
Рокас потсети дека Европската Унија ја поддржува инфраструктурната поврзаност на Македонија од 2007 година преку различни финансиски инструменти. Како што наведе, преку Инструментот за претпристапна помош биле издвоени 1,2 милијарди евра, дополнителни 1,8 милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а 750 милиони евра преку Планот за раст на ЕУ, кој во земјава се спроведува преку Реформската агенда.
Поддршката, според евроамбасадорот, не се однесува само на патиштата и железницата, туку и на енергетското и дигиталното поврзување, како и на техничката помош неопходна за спроведување на проектите. Тој посочи дека вложувањата се важни и за Македонија и за Европската Унија, особено поради нарушувањата на синџирите на снабдување и нивното влијание врз регионалната економија.
„Силно сме посветени на тоа Северна Македонија што е можно поскоро да стане членка на Европската Унија. Но, ова влијае и врз нас и е многу важно за нас“, истакна Рокас.
Тој ги посочи Коридорот 8 и Коридорот 10 како важни транспортни правци за регионалното и европското поврзување, нагласувајќи дека прекините во овие врски имаат директно влијание врз економијата и безбедноста на регионот.