Родителите на загинатите во „Пулс“ застанаа зад Обвинителството: Во исказот на вештакот Русевски откриени сериозни противречности

Здружението на родителите на загинатите деца во трагедијата во Кочани изрази јавна поддршка за Јавното обвинителство и за неговото постапување на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица. Родителите особено го поздравија начинот на кој обвинителството го испрашувало вештакот Петре Русевски на претходното судско рочиште, оценувајќи дека преку вкрстените прашања биле откриени сериозни противречности во неговиот исказ.
„63 згаснати животи. 63 ангели. 63 причини вистината да излезе на виделина!“, порачуваат родителите во своето обраќање. Според нив, обвинителството преку прецизни и аргументирани прашања успеало да ја доведе во прашање веродостојноста на тврдењата на Русевски, кои, како што наведуваат, биле спротивни на стручните наоди, заклучоците и доказите на вештаците од Градежниот факултет.
Родителите сметаат дека особено значајно е тоа што обвинителството не дозволило противречностите да останат неразјаснети, туку го соочило вештакот со конкретни факти и докази. „Во судница во која се одлучува за одговорноста за изгубени човечки животи, не смее да има простор за релативизирање на фактите, за селективно толкување на доказите или за обиди вистината да се прикаже поинаку од она што навистина се случило“, се наведува во обраќањето.
Тие очекуваат обвинителството да продолжи со истата решителност и професионалност до целосното расветлување на трагедијата и утврдувањето на одговорноста. Во својата порака родителите потсетуваат дека зад судските рочишта, вештачењата и правните аргументи стојат семејства кои засекогаш ги загубиле своите најблиски.
„Стојат 63 прерано згаснати животи. 63 насмевки што никогаш повеќе нема да ги видиме. 63 неостварени соништа и иднини кои“, порачуваат родителите, потсетувајќи дека трагедијата во Кочани оставила неизбришлива трага врз семејствата и врз целата јавност.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува, а родителите на загинатите изразуваат надеж дека преку судската постапка конечно ќе биде утврдена целосната вистина за настаните што доведоа до загубата на 63 човечки животи.