FinPortal.mk

Ристов: Инженерските плати во Македонија надминаа 1.500 евра, но младите кадри масовно заминуваат во странство

FinPortal.mk  · 
Ристов: Инженерските плати во Македонија надминаа 1.500 евра, но младите кадри масовно заминуваат во странство

Македонскиот енергетски и технички сектор се соочува со сериозен недостиг на квалитетен кадар, а главната причина за заминувањето на младите инженери повеќе не се финансиите, туку организацијата и функционирањето на државниот систем. Ова го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во разговор во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Ристов, македонските компании и регулаторните тела секојдневно се соочуваат со недостиг од стручњаци, но проблемот не е само во образовниот систем, туку во фактот што дипломираните кадри веднаш ја напуштаат земјата. „Околу 80 до 85 проценти од завршените студенти на техничките науки уште во првиот момент размислуваат за заминување во странство. Ние понекогаш немаме ни можност да го тестираме нивниот квалитет затоа што тие воопшто не ни влегуваат во нашиот систем. Затоа мора да најдеме начин како да ги задржиме и да ги внесеме во домашните компании каде што ќе стекнат практично искуство“, истакна Ристов.

Првиот човек на РКЕ нагласи дека никој не доаѓа целосно подготвен директно од факултетските клупи и дека се потребни силни домашни компании каде што младите ќе го надградат знаењето за да дадат реален придонес во секторот. Тој изрази жалење што голем дел од младите инженери по заминувањето во странство не работат во својата струка. „Студиите на техничките факултети се меѓу најтешките. Навистина е жално да потрошите четири или пет години од животот за да се стекнете со таква тешка инженерска диплома, а потоа во странство да работите нешто што нема никаква врска со вашата струка“, потенцираше тој.

Според Ристов, денес во Македонија инженерската струка е соодветно вреднувана и нуди висок животен стандард, што покажува дека причините за заминување се од друга природа. „Тврдам дека за инженерскиот кадар во Македонија, било во градежништвото или во електросекторот, платите веќе се над 1.500 евра скоро насекаде и парите повеќе не се проблем. Затоа се поставува прашањето: дали парите се главниот мотив за заминување или организацијата и уреденоста на државата? За помладите генерации очигледно пресудна е организацијата на системот во кој живеат“, заклучи претседателот на РКЕ.

Изјавите на Ристов доаѓаат во момент кога техничките и енергетските компании во земјата бараат начини да го задржат домашниот стручен потенцијал, кој сè почесто избира да ја продолжи кариерата надвор од границите на државата. Според неговите оценки, клучот не е само во зголемување на платите, туку во создавање услови младите инженери да останат, да се развиваат и да работат во својата струка во Македонија.