Ристески: Намалениот ДДВ на горивата им носи заштеда до 350 илјади евра дневно на граѓаните

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека намалувањето на данокот на додадена вредност за горивата од 18 на 10 проценти веќе дава конкретни резултати и дека граѓаните на дневна основа заштедуваат меѓу 250 и 350 илјади евра. Според него, оваа мерка директно влијае врз џебот на домаќинствата и претставува еден од клучните инструменти со кои Владата се обидува да го заштити животниот стандард во услови на енергетска и економска криза.
Ристески, одговарајќи на пратеничко прашање, оцени дека станува збор за една од најголемите енергетски и економски кризи во поновата историја, која ги погодува сите држави, пред сè во снабдувањето со енергенси, а индиректно и секоја економија. Тој посочи дека во сето ова не е изоставена ниту Македонија, која има кревка економија, поради што при носењето на одлуките и мерките од страна на ресорните министерства и Владата мора многу да се внимава. Како главен приоритет на Владата тој ја наведе заштитата на животниот стандард на граѓаните.
Објаснувајќи ја структурата на заштедата, Ристески истакна дека најмногу се троши дизел и дека околу 70 проценти од граѓаните и економијата функционираат со ова гориво. Само по таа основа, како што рече, заштедата изнесува околу 250 илјади евра дневно, а кога ќе се додадат и бензините, заштедата достигнува и до 350 илјади евра на дневно ниво. Тој пресмета дека ако се земе предвид периодот на важност на мерката, вкупната заштеда за граѓаните би изнесувала околу 3 до 4 милиони евра за два месеца.
Заменик-министерот нагласи дека Владата има капацитет да се справи со последиците од кризата и оти мерките се носат по детални анализи и координација меѓу повеќе институции. Според него, одлуките и мерките се добро анализирани и разговарани меѓу повеќе институции и министерства, при што се води сметка не само да се заштити животниот стандард, туку и да не се предизвикаат големи последици врз економијата и буџетот на државата.
Ристески додаде дека Владата истовремено не сака да запре со големите инвестиции и капитални проекти што се во тек и кои се важни за развојот на економијата. Како потврда за тоа ги наведе растот на бруто-домашниот производ и другите економски параметри, кои на крајот, како што оцени, значат подобар квалитет на живот за граѓаните.
Тој ги отфрли критиките дека мерките не се доволни и оцени дека Македонија во моментов има најниски цени на горивата во регионот. Во своето излагање Ристески се осврна и на движењето на цените на нафтата на светските пазари, нагласувајќи дека таа има иста цена за сите, но дека токму преку домашните мерки државата успева да го ублажи влијанието врз граѓаните и врз домашната економија.
Според изнесените податоци, мерката со намалената стапка на данокот на додадена вредност за горивата претставува директен инструмент за намалување на трошоците на домаќинствата и на стопанството, при што најголем дел од ефектот се чувствува преку потрошувачката на дизел, кој доминира во вкупната употреба на горива во земјата. Владата, како што беше наведено, продолжува со следење на состојбите и со координација меѓу надлежните институции при креирањето на идните мерки, со цел да се задржи стабилноста на економијата и да се заштити животниот стандард на граѓаните.