Ревизијата во Железници открива децениско пропаѓање: стари кадри, половина без квалификации и милиони евра изгубени на камати и провизии

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје за 2024 година, при што се утврдени сериозни слабости во работењето на претпријатието, кое повеќе години континуирано искажува негативен финансиски резултат. Тоа негативно влијае на одржувањето, рехабилитацијата и модернизирањето на железничката инфраструктура, како клучен сегмент на транспортниот систем во државата, со стратешко значење за економскиот развој, поврзувањето на регионите и заштитата на животната средина.
Според наодите на ревизијата, најголемиот дел од материјалните средства во подготовка на ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје, во износ од 8.898.087 илјади денари, претставуваат проекти чија реализација е во тек. Станува збор за проектот „Проектирање и рехабилитација на преостанатиот дел од првата делница Куманово – Бељаковце“ (Лот 1) и проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор 8, фаза 2“ (Лот 2). Истите се финансираат со кредити од меѓународни финансиски институции, во согласност со одредбите од донесени закони за задолжување.
Извршената анализа покажала дека за рехабилитација, изградба и реконструкција на железничката инфраструктура се одобрени заеми во вкупен износ од 191,4 милиони евра, од кои 44 отсто сè уште не се повлечени. Поради тоа, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства, од кои 536 илјади евра во 2024 година, при што најголем дел се однесува на заемот за Коридор 8 – Фаза 2. Во 2024 година, по основ на камати за заемите, чија каматна стапка е варијабилна и се движи од 4,84 до 5,14 отсто, исплатени се вкупно 2,85 милиони евра.
Ревизијата констатирала отсуство на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, првично проектирање, градење и реконструкција на делниците 1 и 2 од источниот дел на железничкиот Коридор 8, чија изградба трае од 1996 година. Поради тоа не е овозможен постојан, непрекинат и квалитетен пристап на железничката инфраструктура, како и организирање и регулирање на сигурен железнички сообраќај. Поради бројни непредвидени и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти, односно варијации и побарувања, што предизвикало дополнителни трошоци и одолговлекување на работите.
Посебен дел од наодите се однесува на кадровската структура во претпријатието, каде што е забележано дека работат претежно постари вработени, а значителен дел од персоналот, околу половината, не поседува соодветни квалификации за работата што ја извршува. Ваквата состојба дополнително ја влошува способноста на претпријатието да управува со сложените инфраструктурни проекти и да обезбеди навремено и квалитетно одржување на пружната мрежа.
Ревизијата всушност потврдува дека со децении во железничкиот систем не се водело сметка за ресурсите, дека средствата се трошени без јасна стратегија и дека институциите не успеале да обезбедат континуитет во изградбата на клучните делници. Наместо завршена модернизација, државата плаќа провизии за пари што не ги повлекла, камати за кредити што не ги искористила и одржува претпријатие со застарена работна сила и недоволни компетенции.
Од ревизијата произлегува дека проблемите не се само финансиски, туку и системски, бидејќи отсуствуваат механизми за контрола, планирање и одговорност при реализацијата на капиталните проекти. Железничката инфраструктура, која треба да биде столб на економскиот развој и регионалното поврзување, останува недовршена и неефикасна, а граѓаните и стопанството продолжуваат да ги трпат последиците од децениското одложување и лошо управување.