FinPortal.mk

Ревизија: Само девет локомотиви од 62 се во функција, вкупните загуби на „ЖРСМ Транспорт“ достигнаа 109 милиони евра

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Ревизија: Само девет локомотиви од 62 се во функција, вкупните загуби на „ЖРСМ Транспорт“ достигнаа 109 милиони евра

Само девет од вкупно 62 локомотиви со кои располага „ЖРСМ Транспорт“ АД – Скопје се во функција, а друштвото ја завршило 2024 година со загуба од 331,8 милиони денари, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР). Заедно со пренесените загуби од претходните години, вкупната загуба достигнува 6,75 милијарди денари, односно околу 109,1 милион евра, се наведува во ревизорскиот извештај.

Според ревизијата, состојбата со возниот парк е исклучително тешка и во патничкиот сообраќај. Од 16 патнички гарнитури во функција се само пет, додека од 47 патнички вагони само два се користат во редовниот сообраќај за превоз на патници. Ревизорите оценуваат дека состојбата на влечните и влечените капацитети е на граница на нивната техничко-технолошка експлоатациона моќност.

Како главни причини за ваквата состојба ДЗР ги наведува староста на возниот парк, ненавремените инвестиции во средни и големи поправки, недостигот од финансиски средства, нередовните набавки на резервни делови и недоволната обнова на капацитетите. Според ревизорите, староста на локомотивите го отежнува работењето, ја зголемува потрошувачката на енергенси и бројот на празни возења.

Ревизијата утврдила и неправилности во управувањето со залихите. Дури 71 отсто од нив, во вредност од 342,3 милиони денари или околу 5,5 милиони евра, се постари од 2019 година, а на крајот на пресметковниот период не било извршено нивно вредносно усогласување. Слабости се констатирани и при управувањето со нафтените деривати, каде што ракувањето со горивото при прием и издавање било несоодветно и небезбедно, додека опремата за мерење е застарена, импровизирана и подложна на манипулации. Дополнително, пумпите за полнење возила подолг период не биле верификувани, односно баждарени.

ДЗР посочува дека друштвото не ги подмирувало навремено доспеаните обврски, туку поднесувало приговори на решенијата за платни налози, со што се пролонгирале судските постапки и се зголемувале обврските за главен долг, камати и судски трошоци. Ревизорите утврдиле и дека, и покрај правосилно завршените судски постапки и високата веројатност за одлив на економски ресурси во износ од 260,9 милиони денари или околу 4,2 милиони евра, друштвото не извршило резервирање средства согласно Меѓународниот сметководствен стандард 37. Поради тоа, како што се наведува, обврските, трошоците и финансискиот резултат не биле реално и објективно прикажани во финансиските извештаи.

Ревизорскиот извештај, според ДЗР, открива и недоволна контрола во работењето на друштвото, што во услови на застарена инфраструктура и недостиг од средства дополнително ја влошува финансиската состојба на „ЖРСМ Транспорт“. Наодите доаѓаат во момент кога железничкиот превоз на патници и стоки се соочува со сериозни ограничувања поради недоволниот број исправни локомотиви и вагони.