Рекордните горештини им забиваат нов шамар на британските патишта — RAC предупредува на уште дупки

Британските патишта, кои и без тоа се во лоша состојба, се соочуваат со нов бран оштетувања. Организацијата RAC предупредува дека по најтоплото лето регистрирано во земјата, возачите треба да очекуваат зголемен број дупки на коловозот. Иако дупките најчесто се поврзуваат со студено или влажно време, долгите периоди на високи температури исто така можат да предизвикаат трајни оштетувања.
Според шефот за политики во RAC, Сајмон Вилијамс, интензивното ултравиолетово зрачење и топлината постепено го оксидираат битуменот што го врзува асфалтот, правејќи ги површините покревки и подложни на пукање. „Откако ќе се појават пукнатини, сообраќајот, а подоцна и дождот, брзо можат да ги претворат во сериозни дефекти“, изјави Вилијамс.
Состојбата на патиштата веќе беше алармантна по минатата зима. Како што претходно оваа година објави Алијансата на асфалтната индустрија, само половина од патната мрежа во Англија и Велс е во добра состојба по месеците дожд. Летните последователни топлотни бранови, со температури над 38 степени Целзиусови во некои делови од земјата, дополнително ги оштетија патиштата.
Мaјк Хансфорд, извршен директор на Здружението за третман на патни површини, истакна дека екстремните временски услови во Обединетото Кралство, вклучително зголеменото летно ултравиолетово зрачење, во комбинација со постудени и повлажни зимски услови, можат да го забрзаат влошувањето. Екстремната топлина им се припишува на климатската криза, а научниците од Метеоролошката служба открија дека високите температури во Обединетото Кралство биле 130 пати поверојатни поради климатските промени предизвикани од човекот.
Зголемениот број дупки е само еден од начините на кои климатскиот хаос ја оптоварува британската инфраструктура. Топлото и суво време го намали обемот на почвата во железничките насипи, што принуди промени во возниот ред и побавни услуги на некои линии. Високите температури дури можат да предизвикаат искривување на шините, што се разгледува како можна причина за две излетувања од шините минатиот месец. Осигурителните компании во Обединетото Кралство пријавија зголемување на барањата за слегнување на теренот во јули и август поради невообичаено топлото време.
Според извештај на RAC од почетокот на годината, 51 отсто од возачите ја опишуваат лошата состојба на британските патишта како нивна најголема грижа поврзана со возењето, а 83 отсто велат дека наидуваат на дупки на повеќето патувања со автомобил. Вилијамс оцени дека овие стравови се одраз и на долгорочниот недостиг на инвестиции во одржување и поправка на патиштата од страна на локалните власти, и на проблемите со патните површини влошени од особено влажната зима и сега екстремно топлото лето.
Сепак, тој изрази оптимизам за новиот зголемен одговор на владата на проблемот со дупките. Буџетите за патишта на советите во Англија се зголемени на рекордни 1,6 милијарди фунти за 2025-2026 година, а во ноемврискиот буџет се распределени 7,3 милијарди фунти за работи за подобрување на патиштата до крајот на деценијата, што ќе им овозможи на советите да прават долгорочни планови за одржување. Министерството за транспорт исто така објави нови барања за советите во Англија во јуни, со кои тие ќе бидат принудени да докажат дека прават повеќе за пронаоѓање долгорочни решенија за поправка на дупки и патишта. Според тие барања, локалните власти би можеле да изгубат до една третина од финансирањето за одржување на патиштата ако не докажат дека работат на изградба на такви решенија.