Рекордни цени на становите во Центар – 3.360 евра за квадрат, куќа во Карпош продадена за 1,5 милиони евра

Пазарот на недвижности во земјава во првата половина од 2026 година бележи умерен раст на активноста, со регистрирани 16.126 трансакции, што е за 2,2 отсто повеќе во однос на истиот период лани. Од нив, 11.395 се купопродажби, а 4.731 се закупи, при што вкупната вредност на купопродажбите достигнала 625,7 милиони евра, или 21,3 отсто повеќе од првата половина на 2025 година. Овие податоци произлегуваат од Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности, а ги објави Либертас.
Највисоката постигната цена на стан по квадратен метар е регистрирана во Општина Центар и изнесува 206.640 денари, односно околу 3.360 евра за квадратен метар, за стан со вкупна површина од 50 квадратни метри и купопродажна цена од 168.000 евра. Во истата општина е регистрирана и една од највредните трансакции – куќа во Карпош е продадена за 1,5 милиони евра, што ја потврдува тенденцијата на раст на цените на поатрактивните локации во главниот град.
Најголем број трансакции, односно купопродажби и закупи, е регистриран во април – 2.902, додека најмал број е евидентиран во јануари, со 2.246 трансакции. Во првото полугодие од 2026 година, во Регистарот на цени и закупнини се впишани 9.369 продажби на недвижности, 1.718 продажби од инвеститор, 281 откуп од Република Северна Македонија и 27 продажби на лицитација.
Најголем удел во вкупниот број купопродажби имаат становите, со 3.746 купопродажби, и земјоделското земјиште и шумите, со 3.703 купопродажби. Тие учествуваат со 32,9, односно 32,5 отсто во вкупниот број купопродажби. Следуваат куќите, со 1.424 купопродажби или 12,5 отсто, и градежното земјиште, со 1.366 купопродажби или 12 отсто. Овие четири категории заедно сочинуваат околу 89,9 отсто од сите купопродажби. Кај деловните простори се регистрирани 485 купопродажби, кај гаражите 354, кај останатите недвижности 282, а кај индустријата 35 купопродажби.
Вкупната вредност на купопродажбите на пазарот на недвижности во првата половина од 2026 година достигнала 625,7 милиони евра, што е зголемување за 109,7 милиони евра, односно за 21,3 отсто во однос на истиот период од 2025 година, кога изнесувала 516 милиони евра. Истовремено, просечните цени на становите во повеќе општини бележат раст, а вкупниот износ на месечните закупнини е зголемен за 29,4 отсто, што укажува на засилена активност и на пазарот на изнајмување.
Податоците покажуваат дека становите се и категорија со најголема вкупна вредност на реализираните трансакции, што дополнително ја потврдува нивната доминантна улога на пазарот. Иако растот на активноста е умерен, вредносно пазарот бележи значителен скок, предводен токму од продажбите на станбени единици и од трансакциите со земјоделско земјиште и шуми. Регистарот на цени и закупнини останува клучен извор на податоци за следење на движењата на пазарот на недвижности во земјава.