FinPortal.mk

Реконструкција покрај опасните депонии во ОХИС: ДОМ бара одговори од институциите додека санацијата не е завршена

FinPortal.mk  · 
Реконструкција покрај опасните депонии во ОХИС: ДОМ бара одговори од институциите додека санацијата не е завршена

Додека Владата продолжува со постапката за избор на изведувач за санација и чистење на малата депонија со изомери на НСН во поранешната фабрика ОХИС, во непосредна близина на двете постојни депонии се врши реконструкција на два објекта — поранешната Управна зграда и Лабораторијата, со намена за хотел и болница. Ова го соопшти ДОМ, отворајќи прашање дали надлежните институции воопшто се информирани за градежните активности што се одвиваат во непосредна близина на таканаречените „жешки точки“ од поранешното производство во ОХИС.

Според информациите што ги изнесува ДОМ, објектите што се реконструираат се наоѓаат на локацијата на поранешната фабрика „Билјана“, на оддалеченост од околу 60 метри од депониите. Станува збор, како што се нагласува, за простор со изложеност на големи загадувања и присуство на опасни материи, поради што секоја активност во непосредна близина на овие локации мора да биде проследена со соодветна институционална контрола, проценка на ризик и почитување на сите пропишани мерки за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

ДОМ бара од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Општина Кисела Вода јавно да одговорат дали се информирани за реконструкцијата на овие два објекта, дали е направена проценка на ризик со оглед на нивната непосредна близина до депониите, дали се утврдени и спроведени мерки за заштита на работниците ангажирани на реконструкцијата, дали се проценети ризиците за идните корисници на објектите и за околното население, како и дали се извршени сите потребни инспекциски и други контроли пред и за време на реконструкцијата.

Од партијата нагласуваат дека одговорноста за следење и преземање мерки во однос на состојбите на таканаречените „жешки точки“ е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, додека Општина Кисела Вода има надлежности во делот на локалната контрола и активностите на својата територија. Според ДОМ, не е доволно институциите да кажат кој и кога ќе ја чисти депонијата, туку е потребно да одговорат и што се случува со просторот околу неа додека санацијата сè уште не е завршена.

ДОМ бара транспарентност и јасни одговори за тоа дали активностите што се одвиваат во непосредна близина на „жешките точки“ се безбедни и дали се преземени сите мерки за заштита на луѓето и животната средина. Прашањето останува отворено додека трае постапката за избор на изведувач за чистење на малата депонија со изомери на НСН, а реконструкцијата на поранешната Управна зграда и Лабораторијата во меѓувреме продолжува на само неколку десетици метри од локациите означени како најризични.