Речиси секое трето дете во Македонија расте во услови што му штетат на здравјето и учењето, платформата бара универзален детски додаток

Речиси 22 отсто од граѓаните во Македонија живеат под линијата на сиромаштија, а состојбата кај децата е уште понеповолна — 29,5 отсто од децата живеат во сиромаштија, додека 38 отсто од нив се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и растат во услови што се ризични по нивното здравје, учење, безбедност и развој. Овие податоци ги соопшти Македонската платформа против сиромаштија (МППС) по повод 17 Октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, и од Владата побара итно воведување универзален детски додаток.
Според податоците на Платформата, само 19 отсто од домаќинствата со деца добиваат детски и семејни додатоци, наспроти 88 отсто во Европската Унија. Од оваа статистика, како што велат оттаму, најпогодени се децата во многудетните семејства, самохраните родители и ромските семејства. Тие посочуваат и дека сиромаштијата е тесно поврзана со ограничените услуги за грижа за деца и стари лица: само 45,5 отсто од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, додека кај децата Роми таа стапка е 17 отсто, а во Европската Унија изнесува 95 отсто.
Недостигот од услуги за грижа особено ги погодува жените, кои извршуваат 72,5 отсто од неплатената домашна работа и грижата за децата, старите и изнемоштените лица, што ја ограничува нивната економска независност и придонесува повеќе од половина од жените во земјата да бидат неактивни на пазарот на труд, наведува Платформата.
Македонската платформа против сиромаштијата од Владата бара итно спроведување на Европската гаранција за децата, универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија. Покрај тоа, Платформата бара усвојување политики што ќе ги намалат плаќањата од џеб на граѓаните во здравството, како и развој на услуги за ранливите категории граѓани, вклучително и вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попреченост и услуги за грижа и нега за стари лица.
Податоците на Платформата покажуваат дека сиромаштијата во земјата не е само прашање на доход, туку и на пристап до основни услуги — предучилишно образование, здравствена заштита и нега. Токму затоа од МППС инсистираат дека универзалниот детски додаток и проширувањето на услугите за грижа треба да бидат дел од системски одговор, а не изолирани мерки, со цел да се намали бројот на деца што растат во услови ризични по нивниот развој.