Речиси 30 отсто од граѓаните на ЕУ не можат да се справат со неочекувани трошоци

Речиси 30 отсто од населението на Европската унија не било во состојба да се справи со неочекувани финансиски трошоци во 2025 година, покажуваат податоците на Евростат. Стапката изнесува 29,2 отсто, што е благо намалување во споредба со 30,0 отсто забележани во 2024 година.
На ниво на земји членки, состојбата е најтешка во Грција, каде што повеќе од половината од населението (50,5 отсто) не можело да се справи со неочекувани финансиски трошоци. По Грција следуваат Латвија со 43,7 отсто и Бугарија со 42,4 отсто.
Од друга страна, најнизок удел има Холандија, каде што само 15,3 отсто од населението не можело да се справи со неочекувани трошоци. По неа следуваат Малта и Чешка, двете со по 18,7 отсто.
Евростат нагласува дека способноста да се управува со неочекувани настани придонесува за чувство на сигурност и влијае врз квалитетот на животот. Покрај економската сигурност, која опфаќа способност за справување со неочекувани финансиски трошоци и редовно плаќање на обврските, важен аспект е и физичката сигурност, која вклучува заштита од криминал и насилство.
Во делот на физичката сигурност, податоците за 2024 година покажуваат дека Литванија имала највисока стапка на убиства евидентирани од полицијата во однос на бројот на населението — 2,63 на 100.000 жители. Сепак, таа земја забележала најголем пад на оваа стапка, намалувајќи ја повеќе од двојно од 2014 година. По Литванија следуваат Латвија и Естонија со стапки од 2,40 и 1,82, соодветно. Најниска стапка забележала Луксембург (0,30), пред Италија (0,57) и Чешка (0,63).