Растот на приносите на американските државни обврзници ги вознемири инвеститорите — 15.9.2026
Растот на приносите на американските државни обврзници почна да ги вознемирува инвеститорите во акции, покажа најновото истражување на фонд-менаџерите на Bank of America (BofA) објавено во вторник. Како што пренесува Yahoo Finance, ентузијазмот на инвеститорите за акции се повлекува, а зголемените приноси на обврзниците и неизвесноста околу меѓуизборите во САД фрлаат сенка врз пазарите.
Според анкетата, процентот на фонд-менаџери ширум светот кои имаат прекумерна изложеност кон акции, односно се оптимистични, паднал на 49 отсто од 56 отсто претходниот месец. Истовремено, нивото на готовина кај фонд-менаџерите пораснало на 3,9 отсто од 3,5 отсто, што е најголем месечен раст од март оваа година. Како најголем пазарен ризик сега се издвојува „неуредна распродажба на обврзници“.
Приносите на американските државни обврзници беа под притисок нагоре во текот на целиот септември, поттикнати од постојаните знаци на инфлација и високите цени на суровата нафта, кои ги зајакнуваат очекувањата за повисоки каматни стапки од Федералните резерви. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници денес достигна највисоко ниво во последните околу две децении, откако се искачи на 5,02 отсто, надминувајќи го врвот од 2023 година и означувајќи го највисокото ниво од 2007 година.
„Кога почнувате да се приближувате до 5 отсто на десетгодишниот принос, следниот маргинален долар почнува да биде поинтересен во долгорочни суверени обврзници отколку обидите да откриете какви ќе бидат заработките на Micron следниот квартал“, изјави Ли Мансон, претседател и главен инвестициски директор на Portfolio Wealth Advisors, во емисијата Opening Bid на Yahoo Finance.