FinPortal.mk

Радески: Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ни наштети, а не ни помогна во Брвеница

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Радески: Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ни наштети, а не ни помогна во Брвеница

Предвремените избори за градоначалник во Брвеница, општина во Полошкиот регион, дополнително ги заострија тензиите во СДСМ помеѓу партиското раководство и платформата „Разговори за иднината во 12:05“, која по изборите побара и оставка од лидерот на партијата Венко Филипче. Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Брвеница, Јовица Радески, на прес-конференција од Бихаќка изјави дека однесувањето на оваа платформа не му помогнало, туку му наштетило на СДСМ, и обвини дека поединци од оваа група повикувале луѓе да не излезат на гласање.

„ЗНАМ и Левица гласаа за ВМРО, а луѓето од Платформата ЗНАМ 2.0 работеа против мене и против СДСМ. Не помогнаа, туку одмогнаа. Дури одредени луѓе токму од оваа Платформа повикуваа и да не се излезе на гласање и да не се гласа. Другари, требаше да дојдете и да помогнете. А не сега да кажувате за Брвеница. Размислете каква штета правите. Или молчете или помогнете, доста одмагате“, рече Радески, кој им се заблагодари на оние што излегле и гласале за него.

Радески, исто како и раководството на партијата, потенцираше дека СДСМ, во споредба со изборите од пред една година, успеала да ги зголеми гласовите за 46 отсто. На изборите во Брвеница Радески заврши четвртопласиран со 706 гласа.

Од платформата „Разговори за иднината во 12:05“ реагираа на прес-конференцијата на Радески, оценувајќи ја како „принудна прес-конференција“. Оттаму сметаат дека раководството на СДСМ сè повеќе наликува на секта во која клучниот предуслов за припадност е геслото дека сите други се виновни за поразите, а само Венко Филипче не носи одговорност за ништо. Според нив, Радески бил принуден да излезе на прес-конференција само затоа што му честитале за неговиот достоинствен настап на изборите, а од него барале да им ја докажува лојалноста. „Му се извинуваме за тоа што денес мораше јавно да се срами, а приватно да се извинува“, велат од платформата.

Од „Разговори за иднината во 12:05“ го повикаа раководството јавно да каже барем едно име и презиме кое вршело агитација против кандидатот на СДСМ и порачаа дека ако од нив зависи дали победува партијата или не, „тогаш ова дезориентирано партиско раководство самото признава дека мора да си замине“. Пласманот на Радески беше причина од платформата да обвинат дека Филипче и раководството одработиле за ВМРО-ДПМНЕ.

Спорот во СДСМ избувна по предвремените локални избори во Брвеница, каде партијата не успеа да го освои првото место, а внатрешните пресметки меѓу крилата во партијата дополнително се засилија. Двете страни разменуваат обвинувања за одговорноста за резултатот, при што раководството инсистира на раст на гласовите во однос на претходните избори, додека платформата бара јавна одговорност и именување на оние што, како што тврди, работеле против сопствениот кандидат.