Работнички и Јанта Волеј денеска ги почнуваат настапите во ЦЕВ Челинџ купот
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Две македонски одбојкарски екипи во женска конкуренција, Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ, денеска ги почнуваат своите настапи на европската сцена, играјќи ги мечевите од првото коло во ЦЕВ Челинџ купот. Шампионот Работнички Скопје за противник ќе го има грчкиот претставник Заон Кифисиа, а првиот меч одбојкарките на Работнички ќе го играат на гости, попладнево од 17 часот. Екипата на Јанта Волеј КВ, пак, својот прв меѓународен меч сезонава наместо во Скопје ќе го игра во Куманово. Тимот од Кисела Вода за противник ќе ја има чешката екипа Прага, во дуелот што ќе стартува од 19:30 часот. Реваншот во Скопје ќе се игра на 3 ноември во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот. Во среда, пак, машкиот првак Штип УГД го пречекува холандскиот состав Орион Старс во реваншот од ЦЕВ Лигата на шампионите. Штипјани имаат тешка задача, бидејќи на првиот меч загубија убедливо во три сета. Овој елитен одбојкарски дуел е закажан за утре од 18 часот и ќе се одигра во спортската сала „Џексон“ во Штип. Четвртиот македонски претставник, Струмица, своите европски обврски ќе ги започне кон средината на следниот месец. Со тоа, македонската одбојка во следниот период ќе има четири претставници на европската сцена, а два од нив, Работнички и Јанта Волеј, своите први чекори ги прават токму денеска.