Прва генерација средношколци учи СТЕМ вештини за зелени и дигитални професии

Со почетокот на новата учебна година, околу 10.800 ученици запишани во прва година средно стручно образование ќе станат првата генерација што ќе учи според модернизирани наставни програми кои интегрираат СТЕМ-компетенции, вклучувајќи зелени и дигитални аспекти во сите струки, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава.
Како што се наведува во соопштението, реформата опфаќа обука на 569 наставници, изготвени нови ресурси за учење и зајакната соработка со приватниот сектор. Според УНИЦЕФ, оваа реформа ќе им помогне на учениците да применуваат одржливи практики на идните работни места и да одговорат на предизвиците поврзани со климатските промени, кои сè повеќе влијаат врз секој сектор од економијата.
Реформата доаѓа во време кога стручното образование станува сè попривлечно за младите луѓе, се вели во соопштението. „Денешните ученици ќе влезат на пазар на труд којшто се менува под влијание на технолошките промени, зелената транзиција и новите начини на работа. Со модернизирањето на стручното образование, им помагаме на младите да ги стекнат вештините неопходни за успех, а истовремено на компаниите им овозможуваме пристап до кадар подготвен да придонесе за раст, иновации и одржување на конкурентноста“, изјавила Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Иако овие вештини се особено важни во сектори како што се обновливите извори на енергија, одржливото градење и зелените технологии, од УНИЦЕФ додаваат дека транзицијата кон зелена економија ги менува работните места во речиси сите сектори. Учениците од економските струки ќе учат за моделите на зелени бизниси и одржливи иновации, додека пак учениците од угостителско-туристичките струки ќе учат како да го намалат отпадот од храна и да применуваат одржливи практики.
Според соопштението, реформата е насочена кон надминување на јазот којшто постои меѓу еколошките амбиции на младите и нивното знаење и вештини во областа на животната средина. Предводена од Министерството за образование и наука и Центарот за развој на стручното образование, реформата ги вградува СТЕМ вештините кои ги вклучуваат зелените и дигиталните аспекти во стручното образование.
УНИЦЕФ обезбеди техничка поддршка со финансиски средства од Владата на Шведска и компанијата „Нелт“. Во соопштението се наведува и дека подготовката на децата и младите за иднината бара преиспитување на тоа кои вештини се важни во целиот образовен систем, а со вклучувањето на СТЕМ вештините се создаваат услови младите да бидат подготвени за професиите на иднината.