Прв Global Trade and Growth Forum во Скопје: „Потенцијалот на Македонија се луѓето, нивните идеи и храброста да создаваат вредност надвор од границите

Македонија е мала земја, но со голем потенцијал, а тој потенцијал се луѓето – нивните идеи и храброста да создаваат вредност надвор од нашите граници. Ова беше главната порака од првиот Global Trade and Growth Forum, што се одржува во Скопје, каде учесниците порачаа дека треба да се искористи силата што ја имаме дома за да се создаде успех што ќе се препознае, наместо да се чека светот сам да ги открие можностите на земјата. Со мотото „Локална сила, глобално влијание“, форумот треба да го поттикне дијалогот помеѓу јавниот и приватниот сектор и да ги доближи меѓународните, особено швајцарските искуства, до домашната бизнис-заедница.
Според изнесеното на форумот, Македонија има квалитетна понуда, претприемачки дух и стратешка положба на важни европски транспортни коридори. Како што беше речено, земјата можеби нема море, но тоа не значи дека нема пат до светот. Учесниците нагласија дека поврзаноста денес не е само прашање на транспорт и инфраструктура, туку е предуслов за трговија, конкурентност и економски раст, бидејќи во свет во кој пазарите се сè поповрзани, а конкуренцијата сè поголема, успехот не зависи само од тоа што можеме да создадеме, туку и од тоа колку далеку можеме да стигнеме.
На форумот беше истакнато дека Македонија е веќе дел од таа приказна и има што да му понуди на светот. Некои од домашните производи се добро познати и препознатливи во светот, а други се дел од глобалните синџири на производство, вградени во производи што секојдневно ги користат милиони луѓе. Сепак, како што беше оценето, може многу повеќе, токму затоа на форумот се разговараше како да се создадат повеќе можности за трговија, инвестиции и економски раст и како уште посилно да се поврзе Македонија со светот.
Генералната директорка на МСЦ Северна Македонија и потпретседател на „Свис чем“ во нашата земја, Сања Радовановиќ, изјави дека поврзувањето со светот создава можности и дека во текот на годините, соработувајќи со разни компании одблиску, видела колку знаење и посветеност постојат кај нас. „Затоа длабоко верувам дека нашиот потенцијал се луѓето – нивните идеи и храброста да создаваат вредност надвор од нашите граници. Но, добрата идеја е само почеток“, истакна Радовановиќ.
На форумот се обрати и претседателката на „Свис чем“, Соња Стефановска, која говореше за можностите што Македонија ги има, а учесниците заеднички порачаа дека не треба да се чека светот да ги открие нашите можности, туку ние треба да бидеме тие што ќе му ги покажат. Централната порака на првиот Global Trade and Growth Forum остана јасна: да се искористи оваа сила што ја имаме дома, да се создаде успех што ќе се препознае, бидејќи поврзувањето со светот отвора нови можности за трговија, инвестиции и економски раст.