Приносите на американските обврзници над 5 отсто: тревога, но не и финансиска катастрофа — 5.10.2026
Приносите на американските државни обврзници се искачија на највисоките нивоа во последните неколку децении, што поттикна стравувања дека растечкиот долг на земјата може еден ден да предизвика фискална криза. Референтниот принос на десетгодишните обврзници сега е цврсто над 5 отсто, а нето-трошоците за камати на владата се проценуваат на околу 1,05 трилиони долари во првите единаесет месеци од фискалната 2026 година.
Маја МекГинис, претседателка на Комитетот за одговорен федерален буџет, американски политички тинк-тенк, предупреди дека поскапото задолжување ризикува да стане само-зајакнувачко, бидејќи растечките каматни трошоци ја принудуваат владата уште повеќе да се задолжува. „Вистинската закана е должничката спирала. Ако каматата раѓа долг, а долгот раѓа камата, на крајот долгот ќе излезе од контрола. Фискална криза, некогаш незамислива, сега е сосема можна“, изјави МекГинис минатиот месец откако приносот на десетгодишните обврзници го надмина прагот од 5 отсто.
Сценариото од кошмарите е релативно едноставно: инвеститорите бараат повисоки приноси за да позајмуваат на високо задолжена влада; тие повисоки каматни стапки го зголемуваат каматниот товар на Вашингтон; владата мора да позајмува повеќе за да ги сервисира своите долгови; а инвеститорите бараат уште повисоки приноси како одговор. Сепак, дел од експертите за пазарот на обврзници велат дека САД се уште се на одредено растојание од фискалната точка на прекршување и дека најновиот скок на приносите можеби е поврзан исто толку со изненадувачки отпорната економија, колку и со стравувањата од владиниот долг.
Стратезите на TD Securities, Генадиј Голдберг и Моли Брукс, во неодамнешна белешка оценија дека „фискален апокалипсис сè уште не нè снашол“. Банката проценува дека каматните трошоци на САД во фискалната 2026 година ќе бидат околу 1,1 трилион долари и ќе продолжат да растат ако стапките останат високи. Нејзините проекции покажуваат трошоци за финансирање од 1,4 трилиони долари во фискалната 2027, 1,5 трилиони во 2028 и 1,6 трилиони во 2029 година, доколку приносите останат околу сегашните нивоа.
Важен заштитен фактор е тоа што Вашингтон не мора веднаш да го рефинансира целиот свој долг по денешните повисоки стапки. Пондерираниот просечен рок на достасување на американскиот државен долг е околу 5,9 години, што значи дека поскапото задолжување се пренесува постепено. Просечниот купон на државните хартии од вредност, без краткорочните записи, сè уште е само 3,1 отсто, а просечната каматна стапка на американскиот долг, околу 3,4 отсто, останува под стапката со која економијата расте во номинална смисла. Номиналниот американски БДП порасна со годишна стапка од 8,5 отсто во вториот квартал.
Метју Рис, шеф на глобални стратегии за обврзници во L&G Asset Management, исто така оцени дека стравувањата од непосредна американска фискална криза се „претерани“. Тој потсети дека земји како Јапонија се справувале со значително повисоки нивоа на долг од САД, со многу низок номинален раст, без да претрпат фискална криза. Според Канцеларијата за конгресен буџет, федералниот долг во сопственост на јавноста се проектира на околу 101 отсто од БДП во фискалната 2026 година. TD Securities не гледа фискална криза како непосредна, а меѓу факторите што ги туркаат приносите нагоре ги наведува и посилниот економски раст, очекувањата за покачување на каматните стапки од Федералните резерви, повисоките цени на нафтата, издавањето корпоративни обврзници и репозиционирањето на брзите инвеститори.