Приходите во Буџетот пораснаа за осум проценти, расходите се реализираат според планот
FinPortal.mk · 18.9.2026 г.
Вкупните буџетски приходи заклучно со август годинава изнесуваат 230,6 милијарди денари, што претставува 60,77 проценти од планираниот износ за оваа година и раст од осум проценти во споредба со истиот период лани. Овие податоци ги соопшти Министерството за финансии по денешната координативна средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова и директорот на Царинската управа Бобан Николовски. На средбата биле разгледани движењата кај одделните даночни категории, при што било констатирано дека Буџетот се реализира во рамките на планираната динамика. Според информациите од Министерството за финансии, во моментов не се евидентирани позначајни отстапувања ниту на приходната ниту на расходната страна. „Буџетот се реализира согласно планираната динамика. Заедно со УЈП и Царинската управа детално ги следиме приходите и сите движења што можат да имаат влијание врз нивната реализација. Во овој момент нема позначајни отстапувања од планираното, но остануваме внимателни и навремено ќе реагираме доколку состојбите го наложат тоа“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Даночните приходи во првите осум месеци од годинава достигнале 131,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 8,2 проценти на годишно ниво. Раст е регистриран кај сите главни даночни категории, што според Министерството за финансии е показател за стабилната наплата на буџетските приходи. Приходите од данокот на добивка се повисоки за 19,9 проценти, наплатата на данокот на личен доход е зголемена за 10,9 проценти, приходите од данокот на додадена вредност пораснале за 10,6 проценти, додека увозните давачки бележат раст од 9,7 проценти. Одредено отстапување е евидентирано кај акцизите, што, според Министерството за финансии, е поврзано и со мерките преземени од Владата за ублажување на влијанието од кризата со нафтените деривати. Движењата во оваа категорија ќе продолжат внимателно да се следат во наредниот период.