FinPortal.mk

Преспанските овоштари пред берба со преполовени откупни цени и неисплатени субвенции

FinPortal.mk  · 
Преспанските овоштари пред берба со преполовени откупни цени и неисплатени субвенции

Преспанските овоштари влегуваат во бербата на јаболката со сериозно разочарување од откупните цени, кои годинава се значително пониски од ланските. Според податоците што ги изнесуваат самите производители, индустриското јаболко денес се откупува по цена од само 4 денари за килограм, што е повеќе од преполовено во споредба со минатата година, кога откупот започнал со 9 денари за килограм, а потоа цената се искачила дури до 11 денари за килограм.

Ситуацијата со конзумното, односно здравото јаболко не е ништо подобра. Преспанските овоштари велат дека сортовното здраво јаболко сега чини меѓу 20 и 25 денари за килограм, додека лани за истото се добивале од 35 до 40 денари за килограм. За сортата „ајдаред“ производителите велат дека почетната цена е минимална и изнесува само 15 денари за килограм. Ваквиот пад на цените, според овоштарите, директно ги уништува малите производители, кои и без тоа се соочуваат со сè потешки услови за работа.

Кире Гулевски, преспански овоштар, коментира дека во најголем дел Преспа годинава беше „пеплосана од мразот“, поради што нема јаболко во големи количини. Тој потенцира дека репер за цената на конзумното јаболко треба да биде цената на индустриското јаболко и дека цена со една цифра во никој случај не треба да биде предмет за коментирање. Климатските промени дополнително ја отежнуваат состојбата, бидејќи во одредени региони на Преспа имаше измрзнување на родот.

Покрај ниските откупни цени, преспанските овоштари се жалат и на неисплатени субвенции. Тие велат дека не им се исплатени два денари за реколтата од 2024 година, нема исплата на два денари за произведено јаболко за 2025 година, нема исплата на субвенции за рурален развој, ниту пак се исплатени средства за регистриран земјоделец. „Преспа нема иднина, каде се здруженијата и земјоделските задруги да се занимаваат со земјоделците“, реагираат овоштари преку социјалните мрежи, изразувајќи длабока загриженост за иднината на овоштарството во регионот.

Голем проблем за производителите претставуваат и сезонските работници, кои ги има сè помалку, а нивната цена постојано расте. Според овоштарите, дневницата за берач годинава изнесува 3.000 денари по работник, што е зголемување во однос на минатата година, кога берачите барале од 2.500 до 2.700 денари. Покрај дневницата, работодавачите мораат да обезбедат и храна и превоз за работниците. Берачи доаѓаат од Прилеп и од Битола, но, како што велат овоштарите, ги има сè помалку. „На вакви откупни цени на јаболкото и на неисплатени субвенции, порасна и цената на берачите на јаболкото. Овоштарството стана неиздржливо“, вели овоштар од Преспа.

Реакции на состојбата има и на политички план. Денес Либерално демократската партија излезе со соопштение во кое бара итно решение за производителите на јаболко, кои се соочуваат со ниски откупни цени, високи трошоци за производство и неисплатени субвенции. Партијата апелира до надлежните институции да најдат излез од кризата во која се наоѓаат преспанските овоштари, чијашто егзистенција е директно загрозена.

Преспанскиот јаболкобер е на самиот праг, а производителите предупредуваат дека со ваквите услови за работа, комбинацијата од ниски цени, високи трошоци и неисплатени државни субвенции, овоштарството во Преспа станува неиздржливо и дека регионот, познат по своето јаболко, се соочува со сериозна закана за опстанок на малите производители.