Пресечен кабел од градежни работи предизвика хаос во воздушниот сообраќај на источниот брег на САД

FinPortal.mk · 21.9.2026 г.

Стотици летови денес се одложени на големите американски аеродроми откако градежни работници случајно пресекле кабел неопходен за контрола на воздушниот сообраќај. Според извештаите, застој на летовите и одложувања се издадени во попладневните часови за аеродромите во Њујорк, Пенсилванија, Њу Џерси и Масачусетс. Транспортните власти соопштија дека штетата го погодила системот за радарски пристап на терминалот, кој се користи за наведување на авионите при полетување и слетување. Телекомуникациската компанија „Веризон“, која е сопственик на кабелот, изјави за американските медиуми дека работи на негово санирање „во најкус можен рок“ и дека „не носи никаква одговорност“ за инцидентот. Според податоците на веб-страницата за следење на летови „ФлајтАвар“, најтешко погоден од денешните нарушувања во контролата на воздушниот сообраќај е аеродромот „Њуарк Либерти“ во Њу Џерси. Регистрирани се 267 одложени летови што полетуваат, додека дополнителни 257 летови со дестинација Њуарк исто така се одложени. Погодени се и меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“ и аеродромот „ЛаГардија“, двата во Њујорк, како и меѓународниот аеродром во Филаделфија. Американскиот министер за транспорт Шон Дафи изјави дека штетата ја предизвикале работници на „Амтрак“, националниот оператор на меѓуградски железнички услуги во САД, кои изведувале градежни работи во Њу Џерси. Тоа, како што напиша Дафи на платформата X, „предизвикало телекомуникациски прекин“ поради што Федералната управа за авијација морала да ги приземји летовите. Официјални претставници посочија дека пресечениот кабел всушност бил резервна мрежа, а грешката била откриена дури откако откажало основното коло. Големото нарушување на источниот брег се случува претходно пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во вторник, на кое се очекува да присуствуваат бројни светски лидери кои пристигнуваат на аеродромите во њујоршката област.

Пресечен кабел од градежни работи предизвика хаос во воздушниот сообраќај на источниот брег на САД | FinPortal.mk

Стотици летови денес се одложени на големите американски аеродроми откако градежни работници случајно пресекле кабел неопходен за контрола на воздушниот сообраќ