Прекин на струја во дата-центар на Google Cloud во Лондон ги наруши услугите на британските банки
Прекин на струја во дата-центар на Google Cloud во близина на Лондон предизвика сериозни нарушувања во мрежата на услугите во вторникот, соопшти американскиот технолошки гигант, додека неколку британски банки пријавија широки пречки во работењето.
Google во сервисното ажурирање наведе дека неговите облак-услуги претрпеле прекин „поради струен настан“ и додаде дека целосно закрепнување се очекува околу 13 часот по Гринич во вторникот. Од компанијата информираа дека инцидентот започнал во 06:08 часот по Гринич.
Според претходното ажурирање на Google, „повеќе услуги на Google Cloud имаат зголемени грешки и повремени мрежни прекини во регионот europe-west2“, што се однесува на нивниот лондонски дата-центар.
Пречките ги зафатија услугите на дигиталната банка Revolut, вклучително подигање пари од банкомати, банкарски трансфери и полнење на банкарски картички, што извор близок до случајот го припиша на прекините во Google Cloud. Британските кредитори Lloyds и HSBC исто така потврдија дека клиентите се соочуваат со проблеми во банкарските услуги.
Lloyds соопшти дека е свесен оти „некои клиенти имаат проблеми со нашата апликација и онлајн банкарството“. HSBC потврди дека клиентите имаат „тешкотии при пристапот до нашите услуги“ и наведе дека ќе ја следи ситуацијата, која ги засега и други организации.
Порталот за следење на интернет-услуги Downdetector покажа дека се поднесени стотици пријави за проблеми што засегнаа и други бизниси, меѓу кои порталот за недвижности Rightmove и поштенската служба Royal Mail.
Портпарол на Revolut изјави дека банката „работи на отстранување на проблемот откако е идентификуван“ и упати извинување „до сите засегнати и за предизвиканата непријатност“. „Можеме да потврдиме дека парите и податоците на сите наши клиенти се безбедни“, додаде портпаролот во соопштението.