FinPortal.mk

Предлог за укинување на службената тајна за посвојувањата: Посвоените деца да можат да ги дознаат биолошките родители по полнолетство

FinPortal.mk  · 
Предлог за укинување на службената тајна за посвојувањата: Посвоените деца да можат да ги дознаат биолошките родители по полнолетство

Невладината организација „Градиме иднина“ побара укинување на членот 123-а од Законот за семејство, со кој податоците за заснованите посвојувања се третираат како службена тајна. Според организацијата, целта на оваа иницијатива е посвоените деца откако ќе наполнат 18 години да имаат право на увид во Книгата на родените, за да можат да ги дознаат своите биолошки родители.

Илија Јовановиќ од „Градиме иднина“ изјави дека со укинувањето на овој член ќе се избегнат и други несакани ситуации. „Ова го поттикуваме за да не дозволиме браќа, сестри, роднини од прво, второ и трето колено да стапат во љубовна врска. Си имаат запознавање меѓу нив, стапуваат во брак. После некое време преку нивната ДНК дознаваат дека тие всушност биле брат и сестра и разделени од нивното посвојување“, вели Јовановиќ.

Според истражувањето што го спровела невладината организација, во Македонија меѓусебе се бараат меѓу 90 и 95 илјади лица. Дел од нив биле посвоени во земјите од поранешна Југославија, бидејќи законот дозволувал и странци да бидат посвоители. Јовановиќ посочи дека документацијата за оригиналниот идентитет на посвоените лица во голем дел не постои, а за наодите од истражувањето ќе бидат информирани надлежните институции.

„Исчезнување на медицински документи, на мајчинската книшка, алките, бројчињата на родилката и на доенчињата. Но, тоа истражување ќе се промовира во релевантните институции“, рече Јовановиќ.

Членот 123-а од Законот за семејство е на сила од пред 24 години, кога во Србија изби аферата за крадени бебиња од болниците во 80-тите години на минатиот век. Радиша Павловиќ, претседател на Државната комисија за собирање факти за статусот на новороденчињата за кои има сомнежи дека биле исчезнати од родилиштата во Србија, рече дека поради заедничката држава постојат информации дека деца земени од Србија преку одредени центри биле посвојувани во Македонија, а потоа повторно враќани во Србија.

„Имајќи предвид дека живеевме во заедничка држава некој се сетил, и ние имаме информации дека децата кои се земени од Србија преку некои центри, во Македонија се посвојувани, па повторно враќани во Србија“, рече Павловиќ.

Тој додаде дека постои многу голем процент на движење на децата меѓу Македонија и Србија, како и меѓу Хрватска и Србија, по што следува и Словенија. Овие податоци дополнително ја поткрепуваат потребата од отворање на архивите и овозможување пристап до информациите за потеклото, сметаат иницијаторите на предлогот.

Од „Градиме иднина“ најавија дека истражувањето ќе биде промовирано пред релевантните институции, со надеж дека ќе се отвори постапка за законски измени што ќе им овозможат на посвоените лица по полнолетство да го дознаат својот биолошки идентитет. Според нив, укинувањето на службената тајна не значи неограничен пристап до личните податоци, туку право на увид што ќе биде регулирано со закон и ќе спречи ситуации во кои блиски роднини несвесно стапуваат во брак.