Правосудниот испит под притисок на политички ултиматуми и етничка мобилизација

Барањето правосудниот испит во целост да се полага на албански јазик, проследено со најави за нови протести доколку тоа не биде прифатено, отвора многу посериозно прашање од јазикот на кој кандидатите ќе одговараат на испитните прашања. Според оценката на реномиран скопски адвокат со искуство и на меѓународен план, сѐ поочигледно е дека станува збор за класичен политички ултиматум, испорачан под маска од еден партиски центар.
Како што се наведува во брифингот со новинари, веќе извесно време сме сведоци дека од истиот центар се испорачуваат различни форми на политички активности. Преку нив се прави обид целосно да се игнорираат и да се еродираат уставот, законите и демократските рамки во кои се врамени правата, обврските и еднаквоста пред институциите. На тој начин, според соговорникот, се уриваат и напорите на државата да го изгради мериторниот стандард во својот систем, не само во правосудниот туку и во целост.
Според повеќе медиумски извештаи од 19 октомври, студентските претставници го одбиле предлогот на Министерството за правда теоретскиот дел од испитот, односно 12 предмети, да се полага на албански јазик, а практичниот дел, односно два предмета, на македонски јазик. Нивното барање е испитот во целост да биде на албански, во спротивно, како што најавиле, „повторно да се излезе на протести“.
Токму тука, според адвокатот, мора јасно да се постави границата. Имено, точно е дека протестот е демократско право, но ниту една група нема право да го претставува своето барање како единствено можно решение, а одбивањето на државните институции, кои имаат де јуре основа за нивната одлука, да се третира како причина за политичка ескалација. Државата не смее да попушта пред притисокот само затоа што тој е организиран, гласен или бидејќи е етнички мобилизиран. Нејзина обврска е да ја утврди законитоста на барањето, да ги сослуша сите засегнати страни и да донесе одлука врз основа на Уставот, законите и стручните стандарди.
Во брифингот се потенцира и дека правосудниот испит не е обичен административен тест, ниту само формалност за добивање диплома или документ со кој се потврдува завршено образование. Тоа е испит што треба да потврди стручна подготвеност за работа во правосудниот систем, а со самото тоа и квалитетот на правдата што ја добиваат граѓаните.
Соговорникот оценува дека кога со уцени се урива правото, а европските стандарди се толкуваат селективно, државата ризикува да ја изгуби суштината на владеењето на правото. Затоа, според него, веќе е доста заканите и уцените да се наметнуваат над уставноста и законитоста, а институциите треба да одлучуваат врз основа на прописите, а не под притисок на организирани и етнички мобилизирани барања.